Приказната за тренерскиот пат на Јорг Бергер

Тренерот кој им избега на Штази агентите

Како селектор на младинците на Источна Германија, во Суботица паѓа во искушение да бега кон Западна Германија, а во меѓувреме избегнува труење од страшната служба за државна безбедност, Штази. Станува херој кој спаси неколку бундеслигаши од испаѓање.

Го викнале да биде тренер во Хановер. Првите недели престој таму, живеел во хотел. Една вечер почуствувал пецкање во рацете и нозете и помислил дека е од стрес, но потоа екстремитетите му се вкочаниле и не можел да стане од кревет.
 
Лекарите заклучиле: „Повеќекратна лезија на периферните нерви. -Колку трае тоа? Може и една година“, му одговориле докторите на тренерот Јорг Бергер.
 
Во Хановер се задржал три месеци во кои секое утро едвај станувал од кревет. Наскоро бил промовиран за тренер на Фрајбург каде му направиле уште еден медицински преглед. Се покажало дека болеста не е последица на вирус, туку на труење. Во 2009. година, Јорг Бергер пишуваше за ова во својата книга „Животот на Истокот и Западот“.
 
Приказната почнува во јануари далечната 1945. година, кога Јорг имал три месеци. Неговата мајка Гертруда била присилена на бегство од Гдањск (тогаш германски Данциг), каде што работела како стенографка во Градското собрание. Се обидела да стигне до бродот „Вилхелм Густлоф", но еден пријател ја одвраќал од намерата: „Минус 20 степени е, нема слободни места, нема услови за бебе".
 

Гертруда не се откажувала, тргнала со последниот воз до Лајпциг кој по пат бил бомбардиран, еден вагон целосно изгорен, а малиот Јорг бил речиси замрзнат на една клупа. Неколку дена подоцна, со кривење Гертруда се упатила во Лајпциг и слушнала за веста дека бродот Густлоф бил торпедиран од Советите и загинале 5.348 луѓе.

Во 1949. година, татко му на Јорг, Франц се вратил од руското заробеништво и почнал да работи како продавач иако пред војната бил инженер-репрограф. Гертруда станала прва дактилографка во Лајпциг и го терала сопругот да се преселат во Западна Германија, но тој не прифаќал.

Јорг тргнал во школото на улицата Германско-советско пријателство бр. 34. Како пионер го облекле со сина вратоврска.

На 15 години, Јорг Бергер почнал да тренира во Локомотива Лајпциг, матурирал и размислувал за професијата со која ќе се занимава. „Што сакаш да бидеш?", го прашала мајка му, -Ѕидар, одговорил Бергер. Како награда за завршеното школо родителите го пратиле на одмор на Балтичкото море.

А таму се дружел со една група авантуристи, направиле камперски оган, топли колбасици на скара и една 10 години постара девојка од него. Јорг го продлабочил познанството со неа и се вратил во Лајпциг. Неколку месеци подоцна, девојката се појавила на куќниот праг кај Бергерови каде рекла дека е бремена од Јорг. „Нешто многу ти е голем стомакот за така краток период од пар месеци. Да не си имала други авантури пред летото", ѝ рекла Гертруда и ја избркала.

А други авантури имал Јорг, кој со Локомотива Лајпциг отишол на турнир во Москва. Потоа бил и во Шведска од каде се вратил со модерни фармерки кои биле реткост меѓу младите во Источна Германија.

На 19 години купил Трабанд ДеЛукс, за кој на обичните луѓе им требале 20 години работа. Дебитирал и за младинската репрезентација на Источна Германија, но ја повредил тетивата. Операцијата не му помогнала, Бергер престанал со фудбалот и решил да учи за тренер.

Во меѓувреме се оженил со пливачката Хариер Бланк која учествувала на Олимпијадата 1964-та. Со неа го добил синот Роналд.

Две години подоцна го завршил Факултетот за фискултура и станал помошен тренер во Карл-Цајс Јена. Градот му бил далеку од Лајпциг и од сопругата и детето, па почнал да работи во Халешел, градче на 40 километри од дома.

По извесно време Јорг Бергер ќе добие привилегија да ја води репрезентацијата на И. Германија до 18 години. „Со што се занимава жена ви, го прашале пред промоцијата. - Тренер е по пливање. Но немаме добар однос, нашиот брак е во криза. После 10 минути му рекле: „Решете ги проблемите па вратете се".

Бергер се преправал дека е смирен со жена му и официјално станал селектор на најдобрите млади играчи од Источна Германија кои ги повел во Бугарија и Чехословачка. Во селекцијата доминирале момците од Динамо Берлин кои пиеле коњак, пушеле цигари, но потоа на теренот ги прегазиле противниците. Бергер уживал во тој успех, иако знаел дека успехот не е само поради неговиот тренерски дар, туку и благодарение на таблетите со кои ги клукале неговите играчи за време на ручекот.

Во семејството ништо не се менувало. Хариер се гледала со помлад човек со две деца, Јорг имал други жени а притоа го делеле станот во Лајпциг кој со евентуален развод би можеле да го загубат.

По неколку турнири, следувал важен меч против селекцијата на Југославија, момент пред кој на Јорг му се родила страшна желба да пребегне во Западна Германија. Особено што кога и да се врател дома, го наоѓал станот испрвртен и знаел дека тајната полиција испитува сè. Во тоа време мал број спортисти пребегувале во побогатата Западна Германија, затоа што Штази работел деноноќно да ги спречи во намерата.

Во делегацијата која тргнала од аеродромот Шенефелд до Белград биле и тројца луѓе задолжени да следат некој да не избега.

Од Белград фудбалската екипа се упатила кон Суботица, во близина на унгарската граница каде се играл натпреварот. Бергер се обидел да изгледа опуштено и ладнокрвно пред тројцата Штазиевци. Кога автобусот застанал пред хотелот Патриа, Бергер забележал дека пред хотелот има парк, а преку паркот е Градската железничка станица во Суботица.

Утредента следувал тренинг, ручек и пред вечерниот тренинг половина час одмор. Тоа време Јорг Бергер го искористил да скокне до железничката станица која што ја „снимил" од автобусот и да купи карта за Белград: возот од Будимпешта до Суботица кој одел до Белград стигнувал во пет часот изутрина. Јорг се разбрал на благајна на руски јазик кој го учел во средното училиште, купил карта и никој не го забележал - сè поминало глатко. Во тоалетот, го ставил билетот во едниот чорап и се вратил во хотелот. 

„Јорг, за што смени југословенски динари?, го прашал Клаус Петерсдорф, секретар на Фудбалската федерација на Источна Германија, кога вечерта седеле на прославата (претходно на аеродромот во Белград сменил марки со динари). „Сакам да му ги дадам на еден пријател кој работи во Белград, а кој ми купил плочи", уверливо лажел Јорг затоа што го знаеле дека е љубител на секаква музика. - Утре играте важен меч, но напиј се со нас некоја чашка, ајде, опушти се", му ставале вотка, но тој притајно ја истурил на подот за да остане трезен вечерта.

Дружбата траела до 23 часот навечер, а во 24 часот почнал состанокот на делегацијата. Прв почнал да зборува шефот на федерациајта, Волфганг Ридел: „Другари, мора да бидеме будни, особено по натпреварот. Ние ги контролираме сите излези од хотело. Мора во Берлин да се вратиме во истиот состав. Сите што стигнале мора да се вратат на број, или ќе имаме неволји", зборувал претседателот на сојузот.

Бергер сфатил дека ако се кандидира да стражари ноќта, ќе треба картата за Белград да ја фрли во вода и сонот за бегство во Западна Германија ќе му биде уништен. Наеднаш се пожалил на голема забоболка и побарал да оди во својата соба. Легнал во креветот, и гледал во таванот од собата. Се потел мислејќи на тоа колку далеку е Западна Германија.

„Во Источна сум популарен, ме сакаат жени, ќе одам на Балтичко Море, ќе се ладам, ќе скијам во Рудните планини. Во Западна никој не ме чека, немам контакт со западните тимови, немам кому да се обратам, немам никој. И што ако ме фатат на пат кон Германија? Ќе ме фрлат к'о куче во Баутцен затворот на Штаци и тоа ќе биде крај на кариерата, крај на сè", му летале мисли низ главата на Јорг

Тој за планот за бегство не зборувал со никој, ниту со родителите, ниту со синот, ниту пак со поранешната сопруга. До последна минута тргнувал и станувал од креветот и на крајот во 4.30 излегол од собата, а пред неа стражарот уморно и поспано го погледнал. Јорг направил гест дека има забоболка, мафтал со рацете како му требал свеж воздух. Со себе не понел ниту една торба или облека, само пасошот и билетот за воз сокриен во чорапот.

Тие минути му се чинеле вечност. На пат кон станицата, кога речиси го минал паркот слушнал како некој забрзано трча зад него. Слушал брзи чекори и се исплашил дека се тајните агенти. Ги затворил очите од страв, а пред него истрчал некој југословенски работник кој одел на воз.

Бергер се нурнал во возот од Суботица за Белград, го нашол своето купе и не можел да се смири додека возот не тргнал. Патот до Белград е три ипол часа, време во кое ќе се крене тревога за неговото исчезнување, ќе се јават новинари и вести во Амбасадата на Источна Германија. Што да правам?

Кога возот конечно по трочасовно клацкање стигнал во Белград, Германецот трчал до најблиската кафана и побарал чаша Кока-Кола (тогаш во Источна Германија имало само Вита-кола).

Замолил еден од келнерите да го одведе за паричен надомест до канцеларијата на Луфтханз каде зборувале германски. „Што сакаш? -Треба да одам во амбасадата на Западна Германија. Јас ќе ве однесам господине, не е далеку", му одговорила вработената во Луфтханза.

Бергер почнала да го облева студена пот, се тресел но кога зачекорил во амбасадата на Западна Германија на улицата Кнез Милош 76, му олеснало. Го предал пасошот и се сретнал со амбасадорот на кој му раскажал што го снашло и дека сака да пребега. Се почувствувал безбедно и удобно иако уште не бил во Франкфурт или Минхен.

„Како планирате да излезете од овде на Западот? Можеби со авион од Белград до Франкфурт? - промрморел Бергер. Но тоа е многу опасно. Ќе ви дадеме документ со лажно име и аеродромот е најопасен тест. Потоа кога ќе слетате во Франкфурт ќе ве пречекаат. -Но јас немам никој таму за да ме пречека, немам роднини, немам пријатели, а немам ни пари".

Со 200 евра позајмица од амбасадата, Јорг Бергер решил вечерта да тргне со возот кој одел од Истанбул до Париз со попатна станица во Лајпциг. До австриската граница имал цели 12 часа пат. 12 часа страв, неизвесност и исплашеност. Во бифето на станицата се смрзнал кога видел Политика со насловна страна: „Селекторот на Источна Германија избегал, ги оставил младинците на цедило во Суботица“.

Кога влегол во возот, сфатил дека картата му е за купе со шест места и веднаш му дал на кондуктерот сè што имал само за купе со едно место. Се заклучил таму и по неколку испиени пива успеал да заспие. Го разбудил полициски претрес и лаење на кучиња: „Каде ви е багажот? -Ми го украдоа, одговорил Германецот кого полициското куче го помирисало по што повторно останал сам во купето.

Тоа биле најстрашните минути во неговиот живот. По некое време го отворил прозорот спремен да скокне и да бега, но му олеснало кога југословенската полиција дала дозвола возот да тргне. Во меѓувреме слушнал дека младинците на Источна Германија загубиле со 2:0 во Суботица од Југославија.

Во Франкфурт Јорг го пречекала американска тајна полиција во обид да дознае да не случајно тој е вклучен во шпионажа за германските спортисти од Источна Германија. Една недела подоцна го поканиле на дуелот Ајнтрахт Франкфурт - Штутгарт каде се сретнал со двете момчиња, Јирген Пал и Норберт Пал кои своевремено избегаа од Истокот. Го поканиле да спие кај нив додека најде работа.

Во фудбалската федерација на Западна Германија му кажале дека ако сака да работи како тренер ќе мора да помине курс во рок од шест месеци. Тој веќе беше селектор во Источна Германија а сега се одново?

Живеел кај младите фудбалери кои го помагале. Успеал да добие лиценца за работа и набрзо станал тренер на Дармштад во 1979. година. Шест месеци подоцна го водел и клубот Улм, а наскоро почнал да спасува екипи од испаѓање.

Уште по труењето во Хановер пред многу години, неговиот 15-годишен син тренирал во Локомотива Лајпциг. Подоцна го повикале да игра за младинската репрезентација на Источна Германија против Холандија, но тренерот на Локомотива не го пуштил.

„Твоето име не смее да се појави на списокот. Ти си син на предавник", му рекол тренерот на младиот Бергер кој Јорг не го видел уште пред посетата на Суботица. Цели шест години. Со помош на германската влада, Бергер подоцна добил пристап до архивата на Државната безбедност на Источна Германија. Дознал дека имал повеќе од 20 Штази агенти кој го следеле. Неговиот колега и пријател Бернд Штанге имал налог пред мечот до Белгија во 1979. година да го врати во Источна Германија, но никој немал храброст за тоа.

Бергер се прославил со дарбата да спасува клубови од дното. Напаѓачот на Ајнтрахт Франфкурт Јан-Аге Фјотофт за Бергер изјавил:

„Тој можел да го спаси дури и Титаник да бил таму".

Играл и во Купот на УЕФА со Келн, бил третопласиран со Шалке и со Ајнтрахт но во 2002. година дознал дека има рак на црниот дроб. По извесно време примање терапија и лекарства, не успеал да ја добие тешката борба и почина во 2010. година. Никогаш не ја заборавил најдолгата ноќ во неговиот живот, во хотелот Патрија во Суботица.