Како најдобриот тим на Ливерпул не успеа да го освои светот

Џо Феган кој ја освои тројната круна со „Црвените“ и на кои за последен пат им беше тренер на Хејсел трагедијата, му остана уште светската титула. Но за тоа требаше да го совладаат еден од најдобрите тимови од Јужна Америка и да срушат мизерни рекорди на англиските екипи во тоа натпреварување.

Во декември 1984 година кога се ближеше средината на сезоната во Англија, фудбалерите на Ливерпул ги тргнаа мислите од Првата Дивизија (сегашна Премиер лига) и поминаа половина пат околу светот за да стигнат во Токио.

Тимот кој им се спротивстави во борбата да станат најдобри во светот беше Индепендиенте, неприкосновениот крал на Копа Либертадорес. Тоа беше судир меѓу две екипи, господари во своите континенти кои во претходните 20 години освоија вкупно 11 трофеи во Европскиот Куп и Копа Либертадорес.

Индепендиенте го освои Интерконтиненталниот куп во 1973 година и во тој момент многу фанови тоа го сметале како најголема чест, особено за Јужна Амрика. Крунисувањето на светскиот шампион го гледале како најблескава награда.

Не грижете се доаѓаат Англичаните

После сите достигнувања на Ливерпул во 60-те, 70-те и 80-те, Интерконтиненталниот Куп беше единствениот трофеј од големо значење кој недостасуваше во нивните витрини. Џо Феган водеше генерација која ја освои тројната круна во 84-та, а тој тим некои го сметаа за најдобар во светот до тоа време.

На нивниот пат не само што застана застрашувачки противник кој го достигна врвот во претходната деценија, но и лошо англиско наследство. До тогаш, англиските екипи играа во пет финалиња, но постигнаа само еден гол и не добија ниту еден меч.

Поразите на англиските и општо европските екипи беа тешко прифаќани, па често се редеа и инциденти. Додека Манчестер Јунајтед во 68-ма гостувал кај Естудијантес, Џорџ Бест тврдел дека домашните навивачи го гаѓале со петарди. На реваншот на Олд Трафорд бесот го истурил брз еден од противниците на кој му удрил бокс, а кон судијата летало шише.

Не биле ангели ниту Индепендиенте. За време на финалето против „Гранде Интер“ на Херера, во Буенос Аирес Италијанците биле гаѓани со камења. Ајакс во 72-та во финалето бил толку лошо третиран, што играчите на полувреме се заканиле дека ќе го напуштат мечот. Таа година Кројф и неговите колеги поради големото насилство одбиле да застанат и да го примат пехарот.

Поради тие причини, Ливерпул ги откажал учествата во 1977 и 1978 година, како и Нотингем Форест во 79-та. По бојкотот на англиските екипи, на ова натпреварување му требале промени кои се случија во 1980 година кога Тојота стана спонзор, а Токио домаќин на финалето кое почнало да се игра без реванш.

Од Фолкландските Острови до Токио

Англиските клубови (заедно со Ливерпул) се вратија, но беа постојано поразени. Нотингем Форест во 80-та, Астон Вила во 82-ра, Ливерпул во 81-ра од Фламенго.

„Ливерпул беше мртов, физички и ментално. Никогаш не сум ги видел да бидат толку досадни, без идеи и агресивност. Едноставно не можам да ги разберам“, рекол Боб Пејсли, поранешен играч и тренер на Ливерпул.

Како овие неуспеси да не биле доволни за Ливерпул пред финалето во 84-та, па во пресрет на средбата висела во воздух уште една тензија, а тоа била превласта за Фолкландските Острови.

„Сè беше формулирано од страна на бројни надворешни настани кои и претходеа на средбата. Се зборува дека ова финале ќе биде потешка битка за водење, бидејќи е прв натпревар меѓу Аргентина и Англија по Фолкландска војна“, изјавил Педро Жоакин Исо, претседател на Индепендиенте.

Во тоа време во Велика Британија и Аргентина, сè уште било мрачно поради загубата на генерации, чувства кои биле многу силни.

„Без разлика дали на играчите им се допаѓа или не, тие носат дополнителна одговорност таму на теренот. Лошо однесување или лош спортски дух, може да биде толкуван на поинаков начин“, рекол коментаторот на стартот на преносот.

Натпреварот за чудо не ескалираше во бокс натпревар. Двата тима се обидуваат да го заборават минатото и да не реагираат лошо за да предизвикаат повторно војна.

Црвена магла

Европскиот првак го загуби финалето со 1:0 и не успеа да ја разбие решителната одбрана на Јужноамериканците, а Англија по шести пат не успеа да стане Светски клупски првак со ниту еден тим. Проклетството го разби Манчестер Јунајтед во 1999 година, уште еден тим кој претходно ја освои тројната круна.

Финалето во Токио 1984-та за Индипендиенте беше крајот на нивната доминација. Таа година за последен пат го освоија Интерконтинеталниот Куп, но и Копа Либертадорес каде сè уште се најтрофејни со 7 пехари, пред Бока Јуниорс кој има 6.

Нивниот пад беше најјасно илустриран во 2013-та која испаднаа од прва лига. Точно две децении по најголемиот успех на Индипендиенте, престана да чука срцето на тренерот Хозе Пасториса со кој го подигнаа пехарот, а истата година згасна и ова натпреварување. Последен пат го освои Порто со Мурињо во 2004-та.

На Ливерпул му беа потребни 20 години за да се врати на светската сцена. Тие се вратија во Токио во 2005 година како Европски првак и одново го загубија финалето овој пат од Сао Пауло во новоформираното Светско клупско првенство кое се одржува од 2000 година.

За Ливерпул 2015-та е 10 годишнина од чудото кое му го направија на Милан во Истанбул и по петти пат станаа првак на Европа. Светската круна за сега им останува единствената нивна неосвоена титула.

23 декември 2015 - 15:21