Како на времето со Пандев, така и сега со Симеоне, Мацари ги бојкотираше наградите

Интер е освојувач на пехарот во италијанскиот Суперкуп одигран во Ријад, Саудиска Арабија откако синоќа со гол во 90+1’ минута од судиското продолжение на Лаутаро Мартинез стигна до заслужен триумф над Наполи.

Шампионот Наполи игра слаба сезона. Откако претседателот на клубот Де Лаурентис реши да го отпушти Французинот Руди Гарсија и на негово место да го постави стариот познаник Валтер Мацари кој на времето со успех ги водеше Наполитанците, екипата не заигра ништо подобро.

Синоќа во Ријад Наполи и Мацари имаа шанса да го освојат првиот трофеј во сезоната но сонот им го урна Лаутаро Мартинез со гол во ситуација кога Интер 30-ина минути играше со играч повеќе по исклучувањето на Џовани Симеоне.

Аргентинскиот центарфор, син на прославениот Диего Чоло Симеоне во краток временски интервал за само четири минути доби два заслужени жолти картони и автоматски црвен. Наполи од 60’ минута играше со играч помалку.

Судијата Антонио Рапуано (38) одлично ја делеше правдата, покажа неколку жолти картони и ја држеше под контрола средбата.

Во моментот кога го исклучи Џовани Симеоне, тренерот на Наполи Валтер Мацари збесна, почна да вика и пцуе по главниот арбитар: „Срамота! Го уништивте натпреварот!“, му урлал Мацари на судијата и по завршувањето на мечот веднаш се упатил кон соблекувалните, а потоа не се појави ниту на церемонијата доделување награди, пехар и медали, ниту пак дал изјави за медиумите.

Од наградниот фонд, Интер како победник од организаторот Саудиска Арабија ќе добие 8 милиони евра, Наполи како вицешампион ќе добие 5 милиони евра, Лацио 1,6 милиони евра колку што ќе заработи и Фиорентина, сите учесници на завршницата од италијанскиот Суперкуп во Ријад.

ИСТА СИТУАЦИЈА И ЗА ЦРВЕН КАРТОН НА ПАНДЕВ

Исто нешто Валтер Мацари направи и во 2012-та година кога во натпреварот од италијанскиот Суперкуп одигран во Пекинг Наполи изгуби 4-2 од Јувентус.

На тој меч Горан Пандев го постигна вториот погодок за Наполитанците а потоа беше исклучен во 85’ минута од натпреварот. Во финишот во 90+3’ минута и Колумбиецот Ѕунига доби црвен картон па Мацари ја игнорирал свечената церемонија.

23 јануари 2024 - 09:17