Во 2015-та година другарите Лука и Андреа на интернет објавувале по некоја носталгична сторија од старата Серија А од времето. Им фалеле, и не само нив, Шевченко, Дел Пјеро, Баџо, Веа, Батистута, Неста, Михајловиќ и многу други ѕвезди од минатото.
Поради голем интерес, другарите сфатиле дека има простор да се направи нешто сериозно. Најпрвин направиле сајт Operazione Nostalgia (Операција Носталгија). За само шест месеци собрале 50.000 следбеници а на првата договорена средба дошле 500 луѓе!
Главен услов за присуство бил ретро дрес од омилениот клуб. Од тој момент интересот за целата приказна се зголемил неверојатно.

Во 2018-та година Operazione Nostalgia се искачила на едно високо ниво па дури и организирале натпревар со учество на многу ѕвезди од времето: Креспо, Верон, Шевантон и други. Наполниле речиси цел стадион.
Гледачите уживале додека ги гледале своите идоли.
Денес, на Фејсбук страницата имаат над 1 милион следбеници.
Сега во летото 2023-та година во градот Ферара, Андреа и Лука и сите илјадници следбеници и љубители на старата школа организирале нов ревијален меч. Место на одигрување: стадион „Паоло Маца“ во Ферара каде игра прволигашот СПАЛ.

Дошле Тоти, Дел Пјеро, Милито, Ди Натале, Карагунис, Себастијан Фреј, Марко Амелија, Симоне Бароне, Кристијан Ѕакардо и многу други поранешни ѕвезди.
Картите се продавале по пристојни цени а стадионот бил солидно исполнет.