Решено е прашањето за освојувачот на Скудетото. Јувентус ја освои 28-та титула (30-та ако не се земе во предвид Калчополи) на едно коло до крајот на сезоната откако тие славеа на гостувањето кај Каљари, а Милан доживеа пораз на дербито против Интер.
На едно коло до крајот, Јувентус има 81 поен, а Милан остана на 77 поени.
Интер и Милан приредија одлучна фудбалска претстава со шест гола, три пенали и два пресврти, а најзаслужен за денешното славење на титулата на Јувентус е Диего Милито кој постигна хет-трик при победата на Интер од 4:2 над Милан.
Први поведоа фудбалерите на Интер преку Милито во 14-та минута, по што тие продолжија да атакуваат кон голот на Милан. Лусио ја затресе мрежата по втор пат, но овој гол беше поништен заради офсајд, а во 32-та минута Камбијасо биеше со глава, но Абијати ја блокираше топката на самата гол линија и веројатно повторно ќе ги разбранува полемиките за што поскоро воведување на технологијата на гол-линија.
Милан во првото полувреме остана без повредените Бонера и Абијати кој на голото беше заменет со Амелија, но тие сепак успеаја да израмнат во 42-та минута откако Боатенг падна пред Цезар, а судијата покажа на белата точка. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше Златан Ибрахимовиќ.
На самиот старт од второто полувреме Ибрахимовиќ направи пресврт со својот втор погодок, но по само шест минути Абате го фаулираше Милито во шестнаесетникот, а Аргентинецот успешно биеше од белата точка за 2:2.
Во 78-та минута судијата Рицоли повторно покажа на белата точка по играњето со рака на Неста, а Милито го комплетираше својот хет-трик. Победата од 4:2 ја завери Маикон со одличен погодок на три минути до крајот.
Јувентус ја продолжи одличната серија без пораз, а овој пат си ја заверија титулата со победа во Трст од 0:2 над Каљари.
Стрелец на првиот гол беше Мирко Вучиниќ кој при постигнувањето на голот во 6-та минута се наоѓаше во офсајд, но судиите тоа не го видоа.
Фудбалерите на Јуве ја контролираа играта во текот на целиот натпревар, а на нов погодок се чекаше до 74-та минута кога Микеле Канини си постигна автогол откако неуспешно се обиде да го блокира Марко Бориело.
Големото славје започна веднаш по завршувањето на натпреварот, откако навивачите на Јувентус веќе го знаеја резултатот од натпреварот во Милано.