Во првите 10 кола Јувентус освои само 12 бода од можни 30. Но потоа се случи пресвртница. 24 победи и едно реми во последните 25 кола, 68 постигнати и 18 примени голови, 85 бода на 35 меча, 12 бода повеќе од Наполи, 14 од Рома, 21 од Интер, 26 од Фиорентина.
Петтото Скудето за Јувентус пристигнува како на филм. Синоќа во Фиренца Буфон на Калиниќ му одбрани пенал и резултатот остана 1:2. По нивната победа, работата ја доврши Рома со голот во финишот против Наполи на кој покрај Романистите се радуваа и Јувентините. Скудетото го прославија гледајќи фудбал на телевизија.
Работите на почеток им тргнаа тешко и мачно. Пораз од Удинезе во прво коло на домашен терен и молк на Јувентус стадиум. Тимот се спремаше за промени, бидејќи ги нема Тевез, Пирло и Видал кои беа носечки играчи од претходната сезона. Алегри се соочуваше со повреди и проблеми да создаде систем на игра.
Така Јуве ги загуби директните дуели со Рома и Наполи, одигра нерешено со Киево и Фрозиноне и се најде на 14 позиција. На 28 октомври падна нов пораз овој пат од Сасуоло и тука заврши крајот на црната серија. Јуве не знае повеќе за пораз.
Сасуоло е практично последниот шамар кој го доби бранителот на трофејот. Потоа на терен се појави друг тим со стариот добро познат менталитет. Јуве го доби градското дерби против Торино, потоа стигна до 15 победи по ред со кои Алегри го сруши рекордот на Конте.
Го совладаа Милан (1:0, Дибала), Фиорентина (3:1, Куадрадо, Манџукиќ и Дибала), (Рома 1:0, Дибала), а на 13 февруари падна и Наполи. Голот вреден победа против конкурентот за титулата го постигна Ѕаѕа со кој Јуве се искачи на прво место и не го испушти повеќе. Ремизираше само против Болоња и потоа ги победи сите други до крај. Карпи, Верона и Сампдорија се последните нивни противници со кои ќе ги одигра растеретено.
Јувентус е рекордер по бројот на освоени титури во Италија. Клубот и навивачите ги бројат како 34, а на хартија им стојат 32 поради двете одземени за скандалот Калчополи.
Честито титула и до македонските јувентини кои инаку редовно се на релација Скопје - Торино.