Јунак на месецот: Детето на Барса кое ѝ даде три гола на Барселона

Повеќекратниот европски и светски шампион, гигантот од Каталонија, на почетокот на новата година беше на праг на сензационална елиминација од шпанскиот Кралски куп. И тоа против тотално анонимен третолигаш по име ЦФ Интерсити.

Барселона сезонава им приредува трилери на своите навивачи. Во секој турнир во кој Каталонците учествуваат, играат по систем топло-ладно.

Така беше и во првиот меч во новата година. Гостување во 16-тина финале од шпански Копа дел Реј кај Интерсити.

Третолигашот со цел да ги задоволи сите барања за карти за мечот со гигантот, а притоа и да заработи повеќе пари, реши мечот да го префрли од своето мало стадионче на големиот „Хозе Рико Перез“ во Аликанте каде игра клубот Еркулес. Овој стадион собира околу 29.500 гледачи.

Синоќа имало околу 26.000 гледачи, дојдени да го гледаат дуелот меѓу Давид и Голијат.

Со голот на Роналд Араухо, Барса поведе рано, уште во 4’ минута и како да најави дека ќе ја оправда огромната фаворитска улога со лесниот ривал.

Но така не мислеше и младиот Олриол Солдевила Пуиг, дваесет и едногодишен офанзивен играч. 

Барса водеше спокојно до 59’ минута кога Солдевила го постигна првиот гол за израмнување за голема радост на трибините. После шест минути игра Усман Дембеле ја врати Барселона во водство, но во 74’ минута Солдевила, кој инаку е дете од Ла Масија академијата на Барса, повторно израмни, овојпат на 2-2.

Чави освежи од клупата за резерви па нововлезениот Рафиња постигна гол за 2-3, но младиот Ориол беше решен да стане играч на мечот и во 86’ минута израмни на 3-3!

Со ова Солдевила (21) стана еден од ретките фудбалери во историјата кој постигнал хет-трик против повеќекратниот европски шампион. Го однесе мечот во продолженија каде домаќините немаа доволно сили и Ансу Фати погоди во 103’ минута за триумф на Барселона и пласман во следна рунда.

ДЕТЕ НА БАРСА КОЕ ВО 2020-ТА ГО ПУШТИЛЕ ДА СИ ОДИ БЕСПЛАТНО

 

Ориол Солдевила не само што е дете од школата на Барселона, туку е и роден во овој град. Сезонава игра и како лево крило, а често е и зад најистурениот напаѓач, како полушпиц. Висок е 185 см но поседува одлична техника.

Од 2018-та до 2020-та тренирал во академијата на Барселона.

„Јас бев Куле (нагалено име за припадник на Барселона) и член на клубот од најрано детство“, вели Ориол Солдевила Пуиг.

Потоа бесплатно го пуштиле да замине, не му понудиле договор, а тој отишол во англиски Бирмингем, но и таму не се докажал. Играл за тимот У-23 и не добил шанса да се избори за прв тим.

Патот го однел назад во Шпанија, во скромниот третолигаш Интерсити. Но фудбалската коцка сакаше да му се падне во Купот на Кралот да игра токму против Барселона и оваа животна шанса ја искористи со најдобра партија во кариерата.

Во актуелната сезона од Купот, тој одиграл само 13 минути против нисколигашот Атлетико Чирбонеро (1:0) и 72 минути против Мирандес (дури и дал гол). А во третата шпанска лига сезонава има 17 меча без постигнат гол и со само две асистенции.

Сезонава тренерот повеќе го користел како џокер од клупата за резерви, одиграл 575 минути во првенството.

Затоа овој хет-трик против големата Барса е уште поспектакуларен.

ИНТЕРСИТИ Е ОСНОВАН ПРЕД ПЕТ ГОДИНИ

Барса спектакуларниот дуел со Интерсити го одигра на стадионот на некогашниот второлигаш Аликанте, во истоимениот град. Овој клуб играше во втора лига но во 2014-та згаснал.

Интерсити е создаден во 2017-та. Почнал од регионалното првенство во Валенсија и не ги знаел речиси неикој. Во летото 2019-та клубот сакале да го обединат со клубот Новелда за да стекнат веднаш право да играат во шпанска трета лига но Кралската фудбалска федерација на Шпанија не дозволила поради географските норми: клубовите биле 28 километри оддалечени еден од друг и не им било дозволено според правилата.

Од тој момент сфатиле дека сами ќе мора да го поминат долгиот пат. Клубот го позициниорале сопствениците Салвадор Марти и Хавиер Мира кои развиле фудбалски старт-ап. Тие ја развивале компанијата FacePhi која се занимава со препознавање лица. Решиле дека може да имаат добар бизнис со фудбалот па во октомври 2021-та ги ставиле на пазар акциите на клубот а тоа е прв пример во Шпанија.

Во четири од пет сезони од основањето Интерсити успеал да прескокне неколку дивизии па сега е во трета дивизија (иако на 16-то место кое води во четврта лига). Благодарение на мечот со Барселона во шпанскиот кралски Куп Интерсити станал привлечен бренд за некои инвеститори.

5 јануари 2023 - 11:56