Јубилеен 200-ти настап за Роналдо за Португалија прославен со гол

Фудбалската репрезентација на Португалија победи на Исланд со гол постигнат во 89’ минута. Стрелец рекордерот Кристијано Роналдо кој влезе во Гинисовата книга на рекорди.

Кристијано Роналдо во Рејкјавик го одигра 200-от натпревар за својата земја со што се зацврсти на вечната листа играчи со најмногу репрезентативни настапи.

За 19 години и 10 месеци како го носи дресот на Португалија, Роналдо има 200 меча, 123 гола и 43 асистенции! Освои Европско првенство 2016 и Лига Нации 2018/2019. Во 2004-та Роналдо беше вицешампион на Европско првенство, во 2012-та освои бронза а бронзен медал доби и на Куп на конфедерации во 2017-та.

На тие 200 натпревари Кристијано само 15 пати влегол од клупа за резерви а во 60 случаи го извадиле од игра. Зад петкратниот освојувач на Златна топка се Серхио Рамос со 180 настапи, Џанлуиџи Буфон со 176, Икер Касиљас со 167 натпревари и Лука Модриќ со 166 одиграни средби за репрезентација.

Иако многумина сметаат дека е веќе возрасен и дека треба да отстапи место за помладите, Роналдо игра сјајно во дресот на Португалија. Синоќа против Исланд на гости едвај го пробиваа домашниот бедем. Исланѓаните добија црвен картон на десет минути пред крајот, потоа Кристијано Роналдо доби жолт за глума а на минута до крајот постигна гол за победа.

Главниот судија прегледуваше ВАР снимка за можен офсајд но голот беше чист и регуларен и го признаа. Роналдо се радуваше како и на првиот гол во својата кариера за Португалија.

„Уште сум мотивиран и во селекцијата им се допаѓа моето присуство и лидерство, јас во никој случај нема да се откажам од репрезентацијата за сега. Како што кажа Бруно Алвеш, јас „не го давам своето место бесплатно“. Ова беше долг пат но се надевам дека нема наскоро да заврши“, изјави славеникот кој на Португалија и донесе златни три бода на патот до Евро 2024.

После мечот едно дете влезе во терен и истрча во прегратка кај Роналдо кој се фотографирал со него и му дал автограм: 

Какво беше дебито на Кристијано Роналдо за Португалија пред 20 години?

21 јуни 2023 - 09:07