Какво беше дебито на Кристијано Роналдо за Португалија пред 20 години?

Европската фудбалска јавност одново му оддава признание на големиот Роналдо. Португалецот синоќа на Исланд во квалификациите доби признание од Гинисовата книга за рекорди како прв играч во историјата со 200 настапи за својата земја а воедно е и најдобар стрелец на сите времиња во репрезентативен фудбал.

НАЈГОЛЕМ ТАЛЕНТ ВО ЗЕМЈАТА, ВЛЕЗЕ ОД КЛУПА ЗА РЕЗЕРВИ И ПОКАЖАЛ ПОТЕНЦИЈАЛ

Кристијано Роналдо за првпат го облече националниот дрес во август 2003-та година и тоа во ѕвездениот состав со Фиго, Деко, Манише, Руи Коста, Симао Саброса, Елдер Постига и неговиот добар другар Рикардо Кварезма.

Првиот од 200 меча му е против Казахстан дома. Пријателски меч. Во првиот дел Португалија имала многу шанси но Казахстанците се одбраниле. Роналдо влегол во вториот дел наместо лидерот и капитен Фиго.

На 18 години Кристијано веднаш покажал зошто го сметале за најголем талент во земјата. Имал неколку одлични дриблинзи и центаршутеви.

„Ова е најпрекрасен момент во мојот живот. Сè што ми се случуваше. Бев среќен и горд и благодарен на селекторот на репрезентацијата“, кратка била реакцијата на Роналдо после дебито во август 2003-та.

Португалците победиле 1-0 со голот на Симао.

ПОВТОРНО Е ВО ТРКАТА ЗА НАЈДОБАР СТРЕЛЕЦ ВО КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Роналдо во овој циклус квалификации за Евро2024 веќе има 5 гола на 4 натпревари а вкупно има 123 погодоци со што го подобри апсолутниот рекорд на вечната листа на најдобри репрезентативни стрелци.

Против Исланд синоќа даде гол за победа во 89’ минута и на Португалија ѝ донесе нови три бода во квалификациите за Евро2024:

„ЈАС НЕ БРКАМ РЕКОРДИ, ТИЕ МЕ БРКААТ МЕНЕ“

Неодамна прв на вечната листа со најмногу настапи за репрзентација бил 38-годишниот Ал-Мутва од Кувајт со 196 натпревари за својата земја и 56 гола. И тој уште игра фудбал.

Интересно, Меѓународната фудбалска федерација за историја и статистика (IFFHS) не го смета Роналдо за рекордер, туку извесен Сон Чин Ан од Малезија за кого тврдат дека има 219 настапи но 24 од нив не се сметаат за официјални.

„Знам дека ми припаѓаат рекордите по број на настапи и голови за репрезентација, знам дека имам најмногу од сите, но јас не гонам рекорди туку рекордите ме гонат мене. Имам уште многу рекорди и имам амбиции да влезам во историјата заедно со Португалија. Се надевам дека можеме да освоиме уште неколку титули“, вели Кристијано кој верува дека ќе игра на Евро 2024 следната година во Германија.

Во квалификацииве досега повеќе голови од Кристијано имаат само Ромелу Лукаку и Данецот Расмсус Хејлунд. По пет како Роналдо имаат уште и Хари Кејн и Зеки Амдуни.

Единствена средба без гол во квалификацииве му беше онаа против БиХ во Лисабон пред неколку дена но и таму постигна погодок со глава но му беше поништен поради офсајд.

Благодарение на синоќешниот триумф со голот на капитенот Роналдо, Португалија остана максимална во групата Ј од квалификациите со 12 бода (4/4) и гол разлика 14:0. Втора е Словачка со 10 бода, трет е Луксембург со 7, БиХ и Исланд имаат по 3 а Лихтенштајн е последен со 0 бодови.

Јубилеен 200-ти настап за Роналдо за Португалија прославен со гол

21 јуни 2023 - 09:40