Со оглед на веќе одамна загубените шанси за виза на Мундијалот во Бразил и во ситуација кога македонската фудбалска репрезентација само формално треба да ги доврши квалификациските дуели, во центарот на вниманието ќе биде најскапиот фудбалер во историјата кој се очекува утревечер да се појави на националната арена „Филип Втори".
Велс заедно со Герет Бејл денеска ќе пристигнат во Скопје, а вечерва од 20 часот ќе го одржат и единствениот тренинг. Токму тактиката против него беше првото прашање за Чеде Јаневски на денешната прес конференција.
„И со Бејл и без него нема разлика затоа што ние се подготвуваме колективно. Не значи дека ако не игра, Велс ќе биде послаб или доколку игра сам ќе не победи. Најважно за нас е добро да ги споиме трите линии, односно одбраната, средниот ред и нападот. Не смеемеме да му оставаме многу слободен престор, мора да има добро превземање и да не го оставаме сам пред нашиот гол на 30 метри", вели Јаневски.
Со оглед на моменталниот пласман на последното мето во групата А за СП Бразил 2014 каде нашите фудбалери имаат само 4 бода, мотивација за нив ќе биде борбата за третата позиција на која се наоѓа Србија со само 3 бода повеќе.
„Задоволен сум од пристапот на и од однесувањето на фудбалерите. Повеќе внимание обративме на поседот на топката и задоволен сум од тоа како работевме. Сите играчи се подготвуваат на ист начин и сите се спремни, а по денешниот тренинг ќе решиме кои 11 ќе стартуваат во првиот тим. Очекувам поголема поддршка од трибините и би бил пресреќен ако освоиме 6 бода на следните два дуела", рече македонскиот селектор.
Селекцијата на Македонија утре против Велс и во вторник против Шкотска ќе ги одирга последните две квалификациски средби на домашен терен, а овој циклус ќе го заврши со гостувањата во Велс и Србија кои се закажани на 11 и 15 идниот месец.