Фудбалот знае да биде многу непредвидлив и работите никогаш однапред не може да се знаат со сигурност. Особено ако и среќата одигра своја улога.
Специја изгуби дома со 0-1 од Фрозиноне (тренер им е Алесандро Неста), а претходно славеше со ист резултат на гости, па на крајот излезе како конечен победник само поради правилото на италијанската фудбалска лига - во случај на вкупен нерешен резултат се гледа конечниот пласман на табелата на крајот од сезоната.
После одиграни 38 кола во Серија Б, Специја беше третопласирана со 61 бод, а Фрозиноне во плејофот (бараж) за Серија А влезе дури од 8. место со 54 бода па успеа да стигне до финалето.
Тифозите на Фрозиноне силно се понадеваа дека ќе се вратат во елитата од каде испаднаа стрмоглаво во 2018/2019. Со голот на Рохен во 61' минута Фрозиноне поведе со 0-1 но до крајот не успеа да постигне макар уште еден гол кој ќе ги однесеше во прва лига.
Специја е основана во 1906 година но никогаш ниту еднаш не играле во Серија А.
Единствено во 1944 година зошто најдоброто италијанско првенство не се играло поради Втората Светска војна, се играл турнир Campionato Alta Italia, во кој играле клубовите од северните региони на Италија, па таму не само што се нашла и Специја туку го освоила турнирот, но италијанската фудбалска федерација не ја признава таа титула како титула од Серија А.
Претходно во Серија А пласман обезбедија Беневенто (Пипо Инѕаги тренер) и Кротоне. Од прва лига во Б испаднаа СПАЛ, Бреша и Лече.
Тренерот на Специја Винченцо Италиано е голема желба на Џенова, но претседателот на Специја изјавил синоќа дека тренерот останува со нив и во Серија А и дека договорот ќе му го блиндираат.