Историски дебакл за Македонија, Англија со 7:0 немилосрдна на „Олд Трафорд“

Вечер за заборав на најкултниот англиски стадион. Англија, во најсилен можен состав, до врв ја наполни мрежата на македонската репрезентација која го доживеа најтешкиот пораз во својата историја.

Јунската испитна сесија е тотален дебакл за селекторот Благоја Милевски и неговите избраници. После поразот од Украина која се врати од 2:0 и нè победи 2:3, вечерва на Островот Македонија загуби со 7:0.

Уште од самиот старт беше очигледно дека на стадионот на Манчестер Јунајтед ќе гледаме натпревар во еднонасочна улица.

Хари Кејн прв го најде патот до мрежата на Столе Димитриевски во 27' минута, Букајо Сака во 38' минута зголеми на 2-0, а Рашфорд во 45' ги постави во првиот дел конечните 3-0.

Македонија делуваше целосно избезумена, со почетнички грешки само му се понуди на ривалот кој немаше милост и кој во најсилен состав реши да решета од сите оружја.

Немаа решение нашите фудбалери за неверојатниот шпиц на Арсенал Букајо Сака, а Хари Кејн и Маркус Рашфорд докажаа дека се маестрален тандем кој наскоро би можел да игра заедно и на клупски план.

По очајниот прв дел, општа констатација беше дека по нашата селекција ќе биде подобро мечот да заврши што е можно поскоро, но нашите фудбалери мораа да минат низ фудбалско чистилиште вечерва на „Олд Трафорд“, па ги истрпеа и вторите 45 минути.

Букајо Сака со головите во 47-ма и 51-ва минута стана втор најмлад стрелец на хет-трик во историјата на англиската репрезентација по Тео Волкот во 2008-ма против Хрватска. На 21 година Сака веќе има 11 гола за репрезентацијата.

Нововлезениот фудбалер Калвин Филипс во 65' и Кејн во 73' само ставија печат на конечните 7-0 и најтешкиот пораз на Македонија во историјата.

После 3 одиграни кола Македонија има 1 победа и 2 порази и е на 4. место со 3 бода. Англија е прва со 12 бода но и натпревар повеќе (4/4), Украина е втора со 6 бода од 3 меча а Италија е трета со 3 бода од 2 натпревари.

Во следното коло, на 9. септември Македонија ќе ја пречека Италија а Украина ќе игра со Англија.

Standings provided by Sofascore
19 јуни 2023 - 22:31