На 9 март 1908-та година, откако се случил раскол во фудбалскиот клуб Милан, група Италијани и Швајцарци незадоволни од доминацијата на Италијаните во клубот, решаваат да формираат нов фудбалски клуб кој ќе биде отворен за странци, со што му се дава и значењето на неговото име, Интернационале.
Две години подоцна Интер ја освојува и првата шампионска титула, нешто што во 104-годишната историја им успева 18 пати. Освен 18 Скудета, во својата богата историја Интер освои и 7 италијански купови и 5 суперкупови и по 3 трофеи во Лигата на шампиони, УЕФА купот и Интерконтиненталниот куп.
Дел од оваа богата историја на Интер се и најдобриот македонски фудбалер на минатиот век, Дарко Панчев, како и Горан Пандев кој со овој клуб во 2010-та година го освои тронот во Италија и Европа.
Легендарни фудбалери на Интер се рекордерите по бројот на настапи Џузепе Бергоми и Хавиер Занети, најдобриот клупски стрелец чие име го носи и стадионот, Џузепе Меаца, како и Џакинто Фачети чиј дрес со број 3 е повлечен од употреба.