Интер само од карти за дуелот со Барса заработил 14 милиони евра!

По најдобриот натпревар во цела Европа сезонава минатата недела во Барселона каде домаќинот и Интер постигнаа шест прекрасни голови за реми 3:3, вечерва континентот го чека реваншот на „Џузепе Меаца“ во Милано.

На величествениот стадион „Сан Сиро“ се очекува прекрасна атмосфера: до 80.000 гледачи на трибините и сигурно велелепна кореографија која што е најавена за цел стадион односно на 360 степени како што пишува Газета дело Спорт.

Интер ќе се обиде да ја урне големата Барселона како во онаа славна 2010-та кога нераѕурите предводени од Мурињо во составот имаа имиња како Пандев, Камбијасо, Ето, Диего Милито, Жулио Цезар, Матераци итн.

Стадионот ќе крца до последно место. Интер продал 75.000 влезници и поставен е апсолутен рекорд од заработка за италијански клубови во еврокупови, само од влезници.

Интер заработил 14 милиони евра и поставил нов рекорд. Претходниот беше оној од фамозното полуфинале и градското дерби Интер - Милан во Лига на шампиони пред две години кога росонерите од продажба на карти заработија 12,5 милиони евра!

Интер сезонава против Баерн Минхен во четвртфинале имал заработка од 10 милиони евра само од продажба на карти.

6 мај 2025 - 14:30