Иновативниот Луис Енрике: Реши да ја води екипата од трибини, како рагби тренер

Трофејниот шпански тренер кој беше и селектор на Шпанија, Луис Енрике важи за иновативен тренер а последната негова замисла која ја преточи во дело би можела да биде револуционерна во фудбалот.

Луис Енрике минатиот викенд, во неделата го водеше ПСЖ против Ленс (2:0) во француската Лига 1 од трибините. И не, не се работи за некаква суспензија како што секој би помислил на прва.

Лучо просто сам сакал да проба вакво нешто и вика дека е презадоволен.

„Некое време гледам рагби тренери кои ги анализираат натпреварите од многу други агли. Ја засакав можноста да го согледам напредокот. Сакав да го следам првиот дел од трибините и чудесно е. Поразлично е. Можам сè да контролирам. Интересна опција која секако ќе ја користам во иднина“, вели Енрике.

Од горе тој е на постојана врска со неговите помошници преку слушалки и микрофон.

По убавото искуство кое го имал на мечот со Ленс кога одлично согледал што треба и како треба од горе, Енрике се реши за ваков пристап и на првиот дел од мечот против Аталанта во 1. коло од Лига на шампиони.

„Има многу информации кои ги собирам и можам да ги користам на полувреме. Зависи од тоа како ќе се развива мечот. Многу ми е важно да имам повеќе информации. Играчите се веќе навикнати на Рафел Пол (негов помошник) и тој може да пренесе работи кои јас ги набљудувам од трибините“, рекол Енрике по триумфот на европскиот шампион од 4:0 над Аталанта.

 „После одгледаниот прв дел од трибините на полувреме можеш да одржиш совршен говор зошто точно си видел кој бил добар на терен. Така добиваме доста директни информации.

Луис Енрике отсекогаш бил расположен за нови револуционерни идеи па еднаш во еден документарец, помалку во шега а помалку и сериозен рекол дека во иднина гледа тренер крај теренот со некаков шлем со чија помош може да контролира се на теренот.

„Би било преубаво. Уште и ако би можел да пушам и малку електричен шок, совршено!“, се насмеал Лучо.

Но оваа иновација за следење од трибини не би можела да профункционира во Шпанија на пример каде тренерот стрикнто мора да седи на клупата, освен во некој исклучок.

Шпанецот и сам е свесен дека ваков луксуз ќе има само кога ПСЖ е домаќин.

„На гостувања? Не верувам... Не! Не би се усудил. Пред се поради мојата физичка благосостојба, која не е најдобра“, рекол Луис Енрике во уште една шега додека покажал кон своето раме завиено во завој по операција на клучната коска која ја скршил додека возел велосипед на 5. септември.

На крајот вели дека од следниот натпревар се враќа на терен.

„Поарно да не си играме со некои работи. Ќе гледам на теренот, со играчите. Така сепак најдобро се чуствува жештината“.

Следните две средби ПСЖ ги игра против вечниот ривал Олимпик Марсеј и против силната Барселона.

18 септември 2025 - 11:36