Индијана е тврд орев, Пејсерс ја совладаа Оклахома и се на 2 чекори од титула

Кошаркарите на Индијана Пејсерс со 116:107 ја совладаа најдобрата екипа од основниот дел во НБА лигата, Оклахома Сити Тандер во третиот натпревар од големата финална серија.

Фото: Epa Images
Фото: Epa Images
Photo: EPA Images

Индијана Пејсерс првпат во серијава играше на домашен паркет по 2 гостувања каде направија еден брејк и сега по триумфот дома пред свои навивачи, водат 2-1 во серијата и се на два чекори од историска шампионска титула.

Пејсерс ја забележаа првата победа на домашен терен во големо финале после цели 25 години!

Интересно клупата за резерви ја однесе победата за Индијана а тренерот Рик Карлајл искусно и мудро користеше многу играчи во ротација како што прави во текот на целото доигрување за титула.

Резервните кошаркари на Пејсерс постигнаа дури 49 од 116 поени на екипата и имаа огромен удел во триумфот. Кај Оклахома Сити Тандер резервистите уфрлија само 8 поени.

Прв стрелец кај домаќините беше Бенедикт Матурин кој блесна со 27 поени а тука беше и Ти-Џеј Меконел кој заврши огромна работа со 10 поени, пет асистенции и пет скока кога се кршеше резултатот. Стандардно одличен Тајрис Халибуртон со 22 поени, 9 скока и 11 асистенции.

МВП-то на финалето на Истокот Паскал Сијакам беше трет стрелец на тимот со 21 поен. Кај поразените „громови“ Џејлен Вилијамс уфрли 26 поени, Шеј Гилџес-Александер додаде 24 (9/20 од игра, 1/3 за три) а Чет Холмгрен стигна до 20 поени (ги промаши 6/6 обиди за три).

Вкупно Оклахома уфрли 10 тројки а Пејсерси 9.

Гостите водеа до крајот од третиот период кога имаа +5 поени разлика но во последната четвртина носени од преполната сала, кошаркарите на Индијана Пејсерс направија пресврт и со атрактивни поени го добија последниот период а и мечот.

Следниот натпревар се игра пак во Индијанаполис.
 

12 јуни 2025 - 09:09