Имало Дедо Мраз и за Работнички

Според пишувањата на СпортМедиjа.мк, Дебар маалци сосема неочекувано зимава ќе приходуваат за домашни услови огромни 650.000 евра од трансферите на нивни двајца поранешни фудбалери.

Елиф Елмас и официјално е нов член на германскиот гигант РБ Лајпциг, осминафиналист во Лига на шампиони кој за македонскиот репрезентативец платил околу 26 милиони евра кај Наполи.

Елмас (24) ќе оди во нова авантура во Бундеслигата и тоа во еден од најсовршено организираните клубови во Европа, чиј сопственик е гигантската фирма Ред Бул.

Благодарение на одличниот фер-плеј систем на ФИФА, матичниот клуб на играчот кој го лансирал во висините да добие финансиска надомест за тренинзите и сè останато од поголемите трансфери во иднина, Работнички од трансферот на Елмас од Наполи во РБ Лајпциг вреден 26 милиони евра, би требало да добие околу 500.000 евра од колачот!

Притоа, „романтичарите“ ги погледнала среќата и во трансферот на десниот бек Методи Максимов кој од Шкендија ќе оди во австриски ЛАСК Линц, од наводно договорените 300.000 евра, треба да добие околу 150.000 евра компензација поради клаузула во договорот со Тетовчани, 50% од следниот трансфер да оди на сметка на ФК Работнички.

21-годишниот Методи Максимов е од Кочани. Почнал со фудбал во штипска Брегалница од каде доаѓа во школата на Работнички. На 1. јануари тој е продаден во Шкендија за околу 50.000 евра (податоци од реномираниот германски сајт Transfermarkt.de) а сега во јануари ќе прави трансфер во австриски ЛАСК Линц.

25 декември 2023 - 12:33