Доста беше! Горан Пандев не издржа и јавно проговори за проблемите во националниот тим и во интервјуто за „Македонски спорт" најави повлекување од дресот со државниот грб.
„Не можам повеќе да молчам и да гледам како тонеме. Ова што се случува со репрезентацијата е една голема срамота. Како капитен имам обврска да ја преземам комплетната одговорност за очајниот пласман во квалификациите кои се зад нас. Нема да барам никакво алиби. Јас, Горан Пандев, сум главниот виновник поради тоа што репрезентацијата не оди на СП во Бразил и е последна во групата. Како резултат на сето ова се повлекувам од понатамошните настапи во дресот со државниот грб. Слободно за сите проблеми, не само во репрезентацијата туку и во комплетниот фудбал во Македонија, може да ме обвините мене и само мене. Може да ме пцуете, навредувате, критикувате", изјави Пандев за весникот.
Со своја реакција се јави и младиот Давид Бабунски кој ставот го искажа преку Фејсбук:
„Сега е моментот. Од нула да одиме нагоре. Квалитетен тренер, па после да се среди и хаосот во соблекувална. Доста веќе со тоа кој е кој, и кој каде игра. Нека играат квалитетните. Ако не ми оди, нека ме сменат. Па на следниот натпревар ќе се трудам да бидам подобар. Но, вака веќе не може. Сите знаеме што се случува внатре, а сите ќутиме. Доста е. Време е некој да удри на маса и да каже КРАЈ. Еве, јас удирам на маса. Го допревме дното. Ја изневеруваме публиката. А таа жртва е најголема. Поголема и од моето неиграње веќе в недела, додека не се вратам пак на континуитетот со мојата екипа. Жртвата ја дадовме. А, сега на ред е да почнеме од Нула. Со здрава основа на сите полиња. Вака веќе не оди!", е дел од реакцијата на Бабунски.
Во текот на вчерашниот ден и Агим Ибраими преку порталот Екипа го извади прљавиот веш од репрезентацијата на виделина.
„Во репрезентацијата нема хармонија. Поделени сме на 'кланови', а некои си дозволуваат да диригираат и да навредуваат на теренот, наместо да гледаат и тие како играат", изјави Ибраими.