Играчи кои дале 4 или 5 гола на еден натпревар во Лига на шампиони

Да се даде еден гол во елитното друштво е подвиг, а камоли 4 или 5 на еден натпревар. Тоа му појде од нога на Серж Гнабри од Баерн Минхен кој влезе на листата од 12 играчи кои постигнале по 4 гола на 1 меч во новиот формат на ЛШ (од 1992). Само двајца броеле дури до 5 гола.

Германскиот репрезентативец Серж Гнабри го истероризира Тотенхем со 4 гола (2-7 на крај).

Откако се игра новиот формат на Лига на шампиони од 1992 година до денес, страшни 5 гола на 1 натпревар постигнале само: Лионел Меси (сезона 2011/12 осминафинале Барса - Баер Леверкузен 7-1) и Луиз Адриано (2014/2015 групна фаза Бате Борисов - Шахтјор Доњецк 0-7).

Што се однесува до Купот на Европски шампиони (претходник на Лига на шампиони), 12 фудбалери постигнале 5 гола на 1 натпревар: Герд Милер, Уве Олсон, Бент Лофквист, Хозе Алтафини, Реј Крафорд, Никола Котков, Флориан Алберт, Пол ван Химст, Клаудио Сулсер и Сорен Лерби.

Кога сме кај мајсторите кои се израдувале на 4 погодоци на еден натпревар во некогашниот Куп на Европски шампиони (од 1955 до 1992), тука бројката е многу поголема - 34 фудбалери: Милош Милутиновиќ, Денис Виоле, Јован Цокиќ, Бора Костиќ, Алфредо Ди Стефано, Џаст Фонтејн, Жозеф Хамерл, Сандор Кочиш, Ференц Пушкаш, Хајнц Штрел, Лусиен Цосу, Владимир Ковачевиќ, Хозе Торес, Еузебио, Тимо Коњецка, Денис Лоу, Руд Гелс, Зоран Антонијевиќ, Лоуренко, Антонис Антониадис, Куди Милер, Дуду Георгеску, Раду Нунвајлер, Јуп Хајнкес, Рене ван де Кирхоф, Вили ван дер Кујлен, Тон Бланкер, Сотирис Кајафас, Фернандо Гомеш, Марко Ван Бастен, Раба Маџер, Уго Санчез, Алан Смит и Сергеј Јуран.

Од сите нив се издвојува легендарниот Ференц Пушкаш со 4 гола постигнати во едно финале на Куп на шампиони (Реал Мадрид - Ајнтрахт Франкфурт 7-3, сезона 1959/1960).

ВАН БАСТЕН ПРВ ВО ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Луцидниот Холанѓанец, еден од најдобрите фудбалери во историјата е првиот играч кој дал 4 гола во модерниот формат на Лига на шампиони каков што го знаеме денес.

Ван Бастен го згромил Гетеборг во дресот на Милан (4-0) во групната фаза на Лига на шампиони во сезоната 1992/1993.

После него страшен подвиг направи Симоне Инзаги, актуелниот тренер на Лацио, како играч на овој клуб и тоа против Марсеј (5-1) во втората групна фаза од ЛШ во 1999/2000.

Дадо Пршо е можеби првиот на кој сите се сеќаваат кога се споменуваат 4 гола на еден натпревар (Монако - Депортиво Ла Коруња групна фаза од ЛШ 2003/2004).

На 4 погодоци се има израдувано и Руд Ван Нистелрој на мечот Манчестер Јунајтед - Спарта Прага (4-1, групна фаза од ЛШ 2004/2005).

Маестралниот Украинец Андриј Шевченко имаше „покер“ на жешкиот терен во Истанбул во 2005/2006 кога Милан го прегази Фенербахче со 0-4.

Оваа листа не би можела да се замисли без најголемиот - Лионел Меси во сезоната 2010/2011 со 4 гола го потопи Арсенал (4-1) во четвртфиналето од ЛШ.

Во 2011/2012 Бафетимби Гомис броеше до 4 во Загреб (групна фаза Динамо - Лион 1-7). А Марио Гомез во осминафиналето на ЛШ 2011/2012 кога Баерн го уништи Базел со 7-0.

Можеби највпечатлив беше покерот на Роберт Левандовски во полуфиналето на ЛШ 2012/2013 кога му даде дури 4 гола на Реал Мадрид во триумфот од 4-1. Златан Ибрахимовиќ имаше шоу во Брисел во групната фаза 2013/2014 кога 4 пати стрелаше во дебаклот на Андерлехт против ПСЖ (0-5).

Тука секао е и Кристијано Роналдо во сезоната 2015/2016 кога Реал Мадрид го понижи шведски Малме со бескрајни 8-0. Последен во низата е Серж Гнабри, големиот бисер на Баерн Минхен и Германија кој синоќа танцуваше на новиот стадион на Тотенхем во групната фаза од ЛШ 2019/2020.