Играч на Порто влезе од клупа и даде три гола во Лига на шампиони

Првиот хет-трик сезонава во Лига на шампиони е дело на Бразилецот Еванилсон Барбоса од Порто и тоа во едно полувреме.

Порто неочекувано губеше 1-0 од белгискиот шампион Антверпен на полувреме. Во 44’ минута од мечот, во првиот дел принудно поради повреда од игра излезе Вендел а на негово место влезе неговиот сонародник Еванилсон.

Порто на крајот победи 1-4 со комплетен пресврт во вториот дел а три гола во триумфот даде токму Еванилсон. Во 54-та, во 69-та минута и во 84-та.

Благодарение на оваа победа Порто сега е втор во групата зад Барселона. Белгиски Антверпен е последен со гол разлика 3:12 но мора да им се оддаде признание што играат дебитантска сезона во Лига на шампиони и тоа во многу тешка група.

ЕВАНИЛСОН Е ДЕТЕ НА ФЛУМИНЕНСЕ

Бразилецот кој ја одбележа вечерта во Лига на шампиони има 24 години. Роден е во Форталезе, почнал со фудбал во Флуминенсе, па во еден момент се нашол во Европа но необично, во словачкиот второлигаш СТК Саморин. Интересно во словачката втора лига имало многу Бразилци.

За шест меча таму Еванилсон постигнал три гола и имал асистенција па им западнал за око на скаутите.

Во декември 2019-та Еванилсон потпишал договор со бразилскиот клуб Томбенсе но продолжил да игра за Флуминенсе на позајмица. Порто решил да го купи за 9 милиони евра, а 30% од оваа сума добил првиот негов матичен клуб.

Еванилсон брзо стигнал до првиот тим во Порто, а во декември 2021-ва година направил шоу на дербито со Бенфика со два гола и црвен картон за 30 минути и тоа се во првиот дел.

После пар недели го запишал првиот хет-трик, на гости кај Беленсеш а на крајот од јануари 2022-ра постигнал еврогол со пета против Маритимо и го добил признанието за најдобар гол на месецот во Примеира.

Бразилскиот центарфор сезонава се опоравувал и од повреда па полека се враќал во ритам. Сега има шест гола на шест меча. За него веќе се заинтересирани поголемите европски клубови а Порто не сака да слушне за ништо под 100 милиони евра.

После овој хет-трик сигурно ќе има повеќе претенденти.

26 октомври 2023 - 10:06