Уште откако ФИФА го додели правото за организација на Светското првенство во 2022-та година на Катар, започнаа притисоците за негово поместување за да се избегнат високите температури.
Катарците ветија дека ќе инвестираат 80 милијарди евра за климатизирање на стадионите, но надвор од нив температурите може ќе достигнат и до 50 степени.
Помеѓу оние кои ги поддржаа плановите за зимско Светско првенство се претседателите на ФИФА и УЕФА, а со нив се согласи и генералниот секретар на УЕФА, Џани Инфантино.
„Светското првенство треба да се одигра во најдобриот период. Го имавме истиот период и со Јужна Африка во 2010-та година. Во 5 часот попладне таму веќе беше стемнето, а температурата беше 0 степени. Јуни е најдобар период за фудбал, но во Европа, а не во Катар. ФИФА треба да го реши овој проблем", изјави Инфантино.
Но ова може да биде самоубиствен план за ФИФА затоа што тендерската документација на ФИФА јасно пишува дека се повикуваат заинтересираните земји да ги испратат своите кандидатури за организирање на Светското првенство во јуни и/или јули 2022.
Свои кандидатури испратија Австралија, Јапонија, Јужна Кореја, САД и Катар, па така секој обид за промена на терминот ќе резултира со тужби од кандидатите кои оправдано ќе се побунат и ќе докажат дека потрошиле многу пари, време и енергија на нивните кампањи за орагнизација на СП 2022 во летен период како што побарала ФИФА.