Многу прав се крева околу организацијата на Светското првенство во 2022-та година уште откако беше објавена одлуката дека натпреварувањето ќе се одржи во Катар.
Освен корупција, никој не може да даде друг логичен одговор за тоа како земјата со површина помала од пола Македонија и без никакво фудбалско педигре ја доби шансата да го организира најпрестижното светско фудбалско натпреварување.
Освен корупцијата, проблем кој се наметна уште од самиот старт се високите температури кои во летниот период во просек се околу 50 степени. Токму затоа, челниците на ФИФА почнаа да размислуваат првенството наместо во јуни/јули да се организира во ноември/декември, а еден од поддржувачите на овој план е и претседателот на УЕФА, Мишел Платини.
Но тоа ќе биде самоубиствен план на ФИФА заради нивните регулативи. Во тендерската документација на ФИФА јасно пишува дека се повикуваат заинтересираните земји да ги испратат своите кандидатури за организирање на Светското првенство во јуни и/или јули 2022.
Освен Катар, свои кандидатури испратија и Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и САД, па така секој обид за промена на терминот ќе резултира со тужби од кандидатите кои оправдано ќе се побунат и ќе докажат дека потрошиле многу пари, време и енергија на нивните кампањи за орагнизација на СП 2022 во летен период како што побарала ФИФА.