Во видео компилацијата најдолу го имате Горазд Попов, 14 годишен талентиран фудбалер кој е дел од школата на ФК Вардар. Видеото е малку подолго од оние кои преферираме да ги објавуваме, ама верувајте дека нема да зажалите ако го изгледате цело.
Поделено е на три дела: голови, дриблинзи и додавања. Уште на старт ќе забележите дека се двои и им крши кичми на другите. Му одат по двајца, по тројца, ама џабе, малиот едноставно се гледа дека има сенс за фудбал.
Доста е продорен, има решенија со топката и што е најважно, покрај сите убави голови и асистенции кои ќе ги видите, има фудбалска интелигенција. Се гледа по начинот на кој ја играа најпопуларната игра во светот. Без себичење, со акал.
Горазд е 2004-то годиште, а тренира од 2011-та. Со години освојува награди и признанија меѓу кои и за најдобар млад фудбалер во својата општина, но и покрај талентот и вештините се мачи да ја добие заслужената минутажа.
Како е можно вакво дете некој да се дрзне без причина да го држи на клупа?
Ова е само еден пример кој ни стигна во нашето сандаче, а којзнае колку вакви млади таленти се обесправени поради она балканското „пушти го овој да игра, моето дете е“. Стара песна која се пее со години во Македонија.
И после ќе се чудиме зошто немаме саглам фудбал и зошто децата ни бегаат надвор, па ќе чуеме за некој наш успешен играч во Шведска, Холандија и сл.
Држ се силно момче и со среќа. Се надеваме дека што е твое ќе си дојде и дека за некоја година ќе пишуваме и објавуваме уште појаки ствари за тебе. Па зошто да не и за некој јак трансфер, ако тука не знаат да те ценат.