Хуан Мата ѝ пресуди на Македонија

Македонската фудбалска репрезентација го забележа и седмиот пораз во 8. квалификациско коло за Европското првенство во Франција 2016. Поразот од 0:1 не изгледа воопшто страшно, бидејќи овој пат не игравме против Луксембург.

Европскиот првак сосема очекувано доминираше и везеше со топката во поголемиот дел од натпреварот на арената Филип Втори која беше скоро исполнета. Но победничкиот гол не падна од нивните препознатливи акции со брзи и куси додавања кои ги изнагледавме на цел меч.

Хуан Мата во седма минута се обиде да нафрли од десната страна, но топката доби малку чудна траекторија и заврши во аголот на Пачовски кој беше немоќен да реагира.

Веќе во следниот напад имаше мешаница пред голот на Де Геа од која нашите репрезентативци не успеаа да профитираат. Приликата ја испушти Стефан Ашковски. Следната шанса ја имавме преку фудбалерот на Работнички Милован Петровиќ кој биеше над голот.

Во 42 минута се случи реприза на центаршутот на Мата од идентична ситуација, но овој пат биеше Карвахал кој ја погоди пречката, а по одбиената топка Пачовски го спаси голот.

На крајот од првиот дел Иско се закани со силен шут кој одеше во гол, но Шиков го изблокира ударот и не дозволи водство на полувреме од 2:0.

Шанса за израмнување македонските фудбалери имаа на самиот старт од вторите 45 минути кога Ферхан Хасани по една контра беше соборен пред самиот шеснаесетник, но не го искористи слободниот удар и биеше над гол.

Во 60 минута Македонија ја имаше најзрелата шанса, откако младиот Марјан Радески налета на една одбиена топка на само неколку метри од голот, но не ја зафати како што треба.

Друловиќ во вториот дел се обиде да ја подобри играта со нововлезените Енис Барди, Трајковски и Ибраими, а Дел Боске освежи со Коке, Иниеста и Пако.

Тоа не промени многу на теренот. Шпанија и натаму продолжи со својата трпелива игра да прави посед на топка, а на Македонија и преостана да се брани до крајот.

Македонија останува на дното на табелата со само 3 бода, а до крајот има уште два квалификациски меча. На 9 октомври дома против Украина и по три дена на гости против Белорусија.

Пред стартот на натпреварот на теренот се појави Николче Новески кој доби благодарница од ФФМ за неговата репрезентативна кариера.

Голот на Мата во 7-та минута: