Со почетокот на следната 2019-та, се навршуваат 50 години од сезоната во која Баерн Минхен за првпат го кренал пехарот во германската Бундеслига. Пред половина век Бундеслигата веќе не била дом за клубовите кои играат во неа, туку станала резиденција за баварските кралеви.
Бранко Зебец, роден Загрепчанец, е човекот кој го засадил семето на успехот во градината на Баерн Минхен, но се памети како човек кој не се справил со сопствените слабости.
МИНХЕН: КАМЕНЧИЊА И ЗАБРАНА ЗА ПИВО
Во 1968 година Баерн Минхен, интересно, како и денес, го водел хрватски тренер. Бранко Зебец, легендарниот хрватски фудбалер кој играл за НК Граѓански, за белградските Партизан и Црвена Звезда и за помалку познати германски клубови, имал 40 години кога на Баварците како тренер им ја донел првата титула.
Интересно во сезоната 1968/1969, Баерн за првпат во својата историја освоил двојна круна - титула и Куп, подвиг кој никому претходно не му пошол од рака.
Во шампионската сезона играле само 13 фудбалери меѓу кои: Бекенбауер, Милер, Мајер, Шварценбек, Рот...
Бранко Зебец никогаш немал фаворит меѓу играчите, и сите ги држел крајно строго. Неговите методи на работа исклучувале било каква друштвено-комуникативна активност со играчите.
48 years ago today we won our very first @Bundesliga_EN title! pic.twitter.com/3mAw2aUsdi
— FC Bayern US (@FCBayernUS) June 7, 2017
Хрватот знаел да им ѕвони на играчите во 23:00, пред полноќ и кој не кревал слушалка ако не е дома, следниот ден го чекало разговор со Зебец.
Бранко знаел се за животот на фудбалерите надвор од теренот, имал огромно количество информации кои ги добивал уредно во папка на своето работно биро: кој, каде, со кого и во колку.
Секој тренинг на Баварците почнувал со трчање - „сув тренинг“. Бранко Зебец пред да излезе на теренот, во околината собирал десетина малечки каменчиња кои потоа ги фрлал на теренот пред играчите. Колку каменчиња имало - толку круга требале да истрчаат.
„Еден ден го собра пола брег на реката Изар. Трчавме околу 70 круга. Термотетарот тогаш покажуваше 40 степени под сенка, а ние тренираме и трчаме. Имавме сила само да се напиеме вода“, се сеќава Франц Рот, фудбалер од средниот ред на тогашниот Баерн Минхен.
****
Сите тимови кои ги тренирал Зебец играле на посед на топка. Во Минхен тоа особено било видливо. Баерн знаел да победува и по 5:1 на домашен терен.
„Додека топката е во наш посед, противникот сигурно нема да ни даде гол“, ја кажал Хрватот фамозната фраза која ден-денес се памети во Германија.
Неколку фудбалери се жалеле на садистичките методи и повиишениот тон на Зебец, но на пример Франц Бекенбауер имал разбирање за диктаторскиот однос на Бранко за кого сметал дека е еден од најдобрите тренери на светот. Кајзер-Франц дури и пред крајот на кариерата се споил со Зебец во тимот Хамбург и станал негов куќен пријател.
А дружбата почнала така кога 23-годишниот Бекенбауер една вечер плукнал на барањето на Зебец сите играчи да останат во тренинг баазата. Франц изгасил светло, го отворил прозорот широко и избегал дома.
Се вратил рано следното утро и тивко влегол во соба: до првиот собир за доручек останало уште малку време за да дремне. Франц се фрлил во креветот кога во едно ќоше загледал сенка на маж кој седел во темнина. Тоа бил Зебец. Хрватскиот тренер го вклучил светлото, го погледнал во очи Бекенбауер и молчеливо излегол од собата.
Од тој момент најголемиот германски фудбалер на сите времиња не ги нарушил правилата.
Да се биде долго време под надзор на Бранко Зебец за играчите на Баерн Минхен било неподносливо - бездушниот Хрват дури им забранил на Германците да пијат пиво.
Жалбите и поплаките од играчите за тренерот стигнувале секој ден и на крајот управата на Баерн решила да му даде отказ на Зебец за време на сезоната 1969/1970.
Но главното веќе било створено - Баерн Минхен ја почуствувал власта. Во следните шест години Минхенците уште три пати ја освоиле шампионската титула во Германија и освоиле дури три пехари во Купот на Европски шампиони.
После кратка пауза станал тренер на Брауншвајг. Во Ајнтрахјт Брауншвајг Бранко Зебец бил еден од првите во Германија кој ја практикувал зонската одбрана.
Во овој експеримент никој не верувал, но Ајнтрахјт Брауншвајг во сезоната 1976/1977 за еден бод не станал шампион на Германија. Фантастичен резултат за играчите кои само три години претходно играле во втора лига.
За жал, зависноста од алкохол на Зебец станувала се посилна. Во тоа време спонзор на Брауншвајг бил Jägermeister и тоа било како „кец на десет“ за тренерот кој активно го користел спонзорот.
Во вториот стадиум од алкохолната зависност, Бранко станувал уште построг и позахтевен тренер. Ги казнувал играчите за многу работи, а уплатата од казните ја препишувал на свое име за да може да си купи омилен пијалак.
Следната година од Реал Мадрид дошол славниот Пол Брајтнер но ни тоа не го спасило Ајнтрахт Брауншвајг од очајни резултати. Зебец се разочарал во фудбалот и целосно и се посветил на чашката.
****
Бранко не бил единствен тренер во Германија кој спасот го барал во алкохолот. Во средината на ’70-те германските новинари пишувале дека во германската бундеслига владее „алкохолна епидемија“.
Тренерот на Херта од тоа време, Куно Клетцер во својата канцеларија држел фрижидерче во кое чувал алкохол. Кога се дознало за ова, тој одговорил: „А што сакате вие? Нема друг начин на опуштање од оваа работа. Морам да се опуштам.“
Во тие години во Германија немало професија која што би ги заштитила интересите и здравјето на тренерите - ги бркале во секој момент во зависност од резултатите.
Унгарецот Дјола Лорант во Франкфурт мислел само на коњак. Легендарниот Удо Латек еднаш се кладел со управата на Дортмунд во 1.000 марки дека нема да се напие капка алкохол ако Борусија победи три натпревари по ред.
„Тоа беше најглупавата кладба во мојот живот“, рекол подоцна тренерот.
Курт Балус кој бил тренер на Штутгарт, во првата сезона во Бундеслига, умрел на 57 години од инфаркт на срцето. Хелмут Јохансен и Макс Меркел завршиле на операциски кревет поради проблем со дебелото црево.
Ото Кнефлер како тренер на Дујзбург морал да вади половина желудник па морал да заврши со тренерската кариера.
Околу 600 претенденти постојано се бореле за 18 тренерски позиции во целата лига и чекале момент некој да биде отпуштен. Во таква гужва, употребата на алкохол за многумина бил единствен спас да не полудат.
ХАМБУРГ: ВТОРА ТИТУЛА И КОЊАК-РУМ-ВОДКА
Во декември 1980-та Бранко Зебец станал тренер на Хамбург, во тоа време еден од најдобрите германски и европски клубови. На тренинзите на Хамбург доаѓала и сопругата на Зебец, Душица, која гледала тој да не пие алкохол и да им дава совети на играчите.
За неа зборувале дека ништо послабо не го разбира фудбалот од својот маж.
„Пред да се сместувавме во некој хотел, баравме од персоналот да го тргне целиот алкохол што го има во мини-барот но Бранко секој пат наоѓаше можност да купи шише и да се напие до крај. На една официјална свечена прослава на ова година тој ми пријде зад грб и ми истури врз глава цело шише шампанско. Се смееше и викаше: „Ете, шефе, сега просто мора да ме избркате“, а јас му одговорив дека така лесно нема да си оди од кај нас“, се сеќава Волфганг Клајн, тогашен претседател на Хамбург.
Во Хамбург Бранко Зебец првпат се сретнал со човекот кој подоцна многу научил од Хрватот. Станува збор за Феликс Магат - човекот кој на Волфсбург во 2009 му ја донесе историската титула како тренер а го водеше и Баерн Минхен.
Еднаш кога Хамбург губел дома од Штутгарт 0:2 на полувремето, Бранко Зебец во соблекувална им рекол на играчите: „Фала на трудот и залагањето дечки. Следниот меч сигурно ќе го добиеме. Собирајте се, пакувајте се, ќе ве чекам во автобусот.“
Толку бил пијан што изгубил чуство за време и место и мислел дека натпреварот е завршен.
Другпат, пред важен судир со Борусија Дортмунд, Бранко се успал па играчите со клупскиот автобус морале да тргнат а Зебец стигнал подоцна со друг автомобил. Во тој момент алкохолот уште не му се изветреал од организмот и поради возење во алкохолизирана состојба му ја земале возачката дозвола (му измериле 3,25 промили алкохол а лимитот бил 0,5).
Не го стигнал автобусот со екипата па во Дортмунд дошол со задоцнување. Таму направил коктел од коњак, рум и водка после што влегол во соблекувалната прилично пијан.
Фудбалерите веќе не можеле да го истрпат ова. Вили Рајман и уште неколку момци го фатиле Зебец под рака и го изнеле надвор: „Седете тука малку шефе на свеж воздух.“
Неколку дена после овој случај, Бранко повторно бил поднапиен пред мечот со Минхен 1860. Јазикот му бил врзан, не можел да им се обрати ниту на новинарите ниту на играчите, па на својот тим му рекол само: „Играјте фудбал“.
На почеток на мечот реагирал на неколку епизоди на теренот, мавтал со раце и се скарал со судијата. На полувремето бил толку истрошен што еден од помошниците видел дека Бранко е полу-заспан на клупата, го кренал и го однел во клупскиот автобус каде Зебец го преспал остатокот од мечот. На крајот Хрубеш постигнал хет-трик, Хамбург славел со 4:1 и го сочувал првото место.
Директорот Гинтер Нетцер побарал од Зебец да не разговара со новинарите на прес-конференциите затоа што тоа ќе биде катастрофа за сите во клубот.
Зебец личел на зомби: бледо, исушено лице, црни подочници, се клател како клатно додека одел, но не го послушал директорот: „Еби се и глеј си работа“.
За следниот меч Хамбург веќе добил нов тренер.
„Јас знаев за неговата болест и ме убиваше тоа што не можам никако да му помогнам. Често зборувавме, го убедував да се откаже од тој порок, но разговорите не водеа никаде - тој стануваше и заминуваше. Во мојот фудбалски живот немало такви моменти кои ме погодиле толку многу како погубната страст на Зебец за алкохол“, рекол Нетцер, генералниот директор на успешниот Хамбург во ’70-те.
ДОРТМУНД: ЕВРОКУПОВИ И КРИВИЧНО ДЕЛО
Тренерските заслуги се повеќе паѓале во сенка на будалестото поведение на Зебец. Во 1981-ва претседателот на Дортмунд, Рајнхард Раубал го нарекол хрватскиот тренер најдобар во Европа и дека не преувеличува кога го тврди тоа.
Раубал му понудил едногодишен договор на Бранко со надеж дека за тоа време Зебец нема да направи некој скандал. Хрватот издржал 5 месеци а потоа влегол во кола во алкохолизирана состојба и направил хаварија во која имало повредени а колата била уништена.
Го осудиле на 4 месеци условно.
Во тоа време додека бил осуден условно, неговата работа давала одлични резултати. Борусија дома со 2:0 го совладала вечниот ривал Баерн, ја прекинала победничката серија на лидерот Келн од 11 меча без пораз и стигнала до место кое води во еврокуповите.
Познатиот германски новинар Ули Хесе бил на решавачкиот меч на Дортмунд таа сезона: „Губевме од Бохум 0:2 во 40’ минута а промашивме и неколку шанси. Но во второто полувреме Дортмунд даде три гола, победи и заслужено заврши на место кое води во Европа - првпат за клубот од далечната 1966 година. Се сеќавам како цел стадион скандираше: „Бранко Зебец е најдобар тренер на планетата“. Тоа не се заборава. Таа година отидов и ја купив првата сезонска карта за Вестфален стадионот“.
ФРАНКФУРТ: КРАЈ
На 23 октомври 1982 Ајнтрахт Франкфурт чиј тренер бил Бранко Зебец, гостувал во Берлин против Херта. Присутните на стадионот раскажувале дека 90 минути тренерот на гостите гледал во своите чевли а не на теренот.
На почетокот на ’80-те години веќе не можело лесно да се скријат непријатни инциденти. Многу од репортерите веќе биле обучени а имало и повеќе фоторепортери.
Новинарите знаеле дека ако го фатат Зебец во некоја нелагодна ситуација тоа би им донело скандал и голем тираж. На еден меч ѕиркале низ клучалката од соблекувалната на Ајнтрахт и го виделе Бранко Зебец во коматозна сосотјба. Вработените во клубот брзо го ставиле во кола и случајот некако се заташкал.
Ајнтрахт се измачил со Зебец уште некоја година и станал последен клуб во неговата тренерска кариера. Но никој во Германија не заборава дека Бранко Зебец е човекот рекордер со најмногу натпревари како тренер во Бундеслигата.