Храбро реми на Македонија со 25-то рангираната Турција

Македонската фудбалска репрезентација заслужува честитки за играта на пријателската средба со Турција во Скопје. Тимот на Мрме целосно ја надигра селекцијата која 111 позиции е подобра од нас на ФИФА, но за жал не видовме голови на толку шанси.

Македонија играше одлично, отворено и решително на контролниот меч пред тешкиот квалификациски дуел против Шпанија со само една желба, а тоа е победа, без разлика што се работи за репрезентација која има оставано силен белег на Европските и Светски првенства.
 
Првите 20 минути од дуелот пружија премногу сиромашен фудбал без ниту една шанса на двете страни. Фудбалерите и на двете селекции сознадаа бавни и неинветивни акции од кои никако не можеше да се очекува некаква опасност.

Токму во 20 минута конечно живна играта и почнаа бркотниците на терен, а во главна улога беа нашите фудбалери кои ја имаа контролата на топката и правеа многу повеќе игра од Турците.
 
Најзаслужен за течните и опасни акции на македонскиот национален тим беше Горан Пандев кој капитенски во неколку наврати ги проигруваше Алиоски, Несторовски и Стефан Ристовски, но недостасуваше оној последен пас за да се загрози голот на Волкан Бабачан.

Несторовски по една нафрлена топка од слободен удар успеа и да ја затресе мрежата со глава, но судиите сигнализираа офсајд. 25-то рангираната селекција на ФИФА предводена од славниот Фатих Терим беше во подредена улога до крајот на цело прво полувреме, но Македонија и покрај големата иницијатива за жал не го пронајде патот до голот.

Само 7 минути беа потребни во вториот дел публиката на Телеком Арената повторно да се израдува на гол, овој пат дело на Алиоски, но линискиот судија повторно го крена знаменцето. Жестоко протестираа селекторот Игор Ангеловски и Стефан Ристовски, а имаше свирежи и од трибините.
 
Турција не одигра ништо ниту во второто полувреме во кое Македонија повторно имаше поголема желба и повеќе шанси. Во 67 минута Остоја Стјепановиќ биеше млако во шеснаесетникот, а три минути потоа Пандев излезе сам пред голман, но топката беше тапкана и дефанзивците му ја исфрлија во корнер.

Гостите имаа мала иницијатива, но Македонија играше внимателно во одбрана и ги расчистуваше нафрлените топки кои доаѓаа како опасност. Во последните 10 минути од мечот нашите фудбалери се обидоа преку Алиоски и нововлезените Трајковски и Бесарт Ибраими да стигнат до посакуваното водство, но ударите не беа доволно опасни.
 
За најсериозната шанса на мечот останува само да жалиме. Ја имаше Иван Тричковски кој влезе во второто полувреме и кој не успеа да го совлада Бабачан во ситуација еден на еден.
 
Следниот предизвик за македонскиот национален тим е Шпанија во квалификациите за СП 2018 на 11-ти со почеток од 20:45.
 
Сомнително поништениот гол на Мојсов во првиот дел

Поништениот гол на Алиоски поради пасивен офсајд на Пандев

5 јуни 2017 - 21:34