Марчин Олекси ја освои вредната награда „Ференц Пушкаш“ за најубав гол минатата година. Во конкуренција со него беа уште и прекрасните погодоци на Бразилецот Ришарлисон на Светско првенство и на Дмитри Паје во Лига на Конференции за Олимпик Марсеј.
На крајот заслужено победи малку познатиот Полјак Марчин Олекси кому му е ампутирана едната нога и игра фудбал за инвалидизирани лица.
СТАНАЛ ИНВАЛИД ОТКАКО ТЕШКА ГРАДЕЖНА МАШИНА МУ ПРЕМИНАЛА ПРЕКУ НОГА
Голот кој официјално е најубав за 2022-ра Марчин Олекси го постигнал за неговиот тим Варта од Познањ. На 7 ноември минатата година Варта со 4:0 го победила Стал.
Марчин раскажал во интервју за полскиот Sport.pl како се случил ваков прекрасен гол и што мислел тогаш:
„Кога соиграчот се приближи до топката, сфатив дека ќе центрира накај мене. Кога се пробив, цело време гледав како лета топката и како влегува во агол. Секогаш сакав да давам убави голови. Видовте како бев горд на тој гол, се исправив, ги наполнив градите. Бев пресреќен“, вели Марчин и додава дека очекувал овој гол да излезе од кусите рамки на фудбалот за инвалиди, но ваков грандиозен ефект не очекувал.
Марчин во април ќе полни 36 години. Неговиот живот се сменил во ноември 2010-та односно кога имал 23. Бил голман, бранел во четврта полска лига, а често добивал награди за добри одбрани на разни турнири. Но не заработувал за живот од фудбалот, туку како градежен работник.
Еднаш тргнал да крпи голема дупка во асфалт. И станал жртва на несреќен случај: ваљакот тежок 150 килограми му преминал преку нога.
„Од првин ништо не почувствував. После сфатив колку е лошо. Но во тој момент не се плашев ни за ногата ни за својот живот. На пат до болница изгубил свест. Дури кога дошол при себе после операцијата сфатил што се случило. Дел од ногата му амупитрале по дијагонала. Признал дека тогаш бил свесен и среќен што воопшто останал жив.
СЕ ВРАТИЛ НА ТЕРЕН ЗОШТО САКАЛ ДА ЗАИГРА СО СИН МУ
Храбриот Марчин Олекси не сакал да го тревожи семејството така што за својата нога се шегувал уште додека бил во болницата.
Му почнал тежок период: Две години во инвалидска количка, му се родил син и постојано мислел како ќе се грижи за семејството. Но токму синот му дал смисла на животот и го вратил на теренот каде е најсреќен.
„Еднаш си ветив на себе, ако имам син, ќе играм фудбал со него. Како порасна, така отидовме на детско игралиште. Ме преплавија емоции. И почнав да барам фудбалска работа.
Една од академиите го викнала Олекси да работи како тренер на млади голмани. И таа работа му се допаднала многу. А подоцна и самиот се вратил на терен: во 2019-та во Познањ го одработил првиот тренинг во клуб за ампутанти. Во 2020-та дебитирал, дури и постигнал гол во фудбал за инвалидизирани лица, но после 20 минути се повредил.
Како што никогаш не се предавал, така ни овојпат. Се опоравил, се вратил и дури стигнал до репрезентацијата на Полска за ампутанти. А сега игра за петтиот тим во земјата, Варта за која и го постигна голот кој го прослави ширум светот.
Секако, Марчин вели и дека адаптацијата како инвалид не била лесна.
„Прво мислиш само негативно. Но со време обрнував внимание на подобро. Успеав да излезам. Во тоа многу големи заслуги имаат жена ми, децата, семејството. Мојот живот можеше да биде полош и тогаш би се жалел, но сега не. Се се смени на подобро“, вели Марчин во интервју за полски TVP.
КАКОВ Е ФУДБАЛОТ ЗА АМПУТАНТИ? ТИЕ ИМААТ И ЛИГА НА ШАМПИОНИ
Фудбалерите-ампутанти играат на терен со размер 60х40, а во екипа има по шест играчи плус голман (6+1).
УЕФА дури и организирала три Лига на шампиони: во 2022-ра финалето се играло во полски Краков а освоил турскиот тим Етимезгут. Трето место освоил Манчестер Сити.
Имаат и Светско и Европско првенство. Најтрофејна селекција е Русија со пет светски титули. Бразил и Узбекистан имаат по три злата. Русија два пати била домаќин на Мундијалите за фудбалери-ампутанти, еднаш во Сочи 2002 и еднаш во Калининград 2012-та.
Светското 2022 го освоила Турција, а тогаш играле и Полјаците со главниот јунак во приказнава Марчин Олекси. Полска ја победила Танзанија и Шпанија во група, а во 1/8 финале испаднале од Бразил.
Фудбал за ампутанти не е паралимписки спорт, но на меѓународно ниво се размислувало често за вклучување во програмата. Овој спорт се практикува во 30 земји.
Наградата „Ференц Пушкаш“ за најдобар гол беше врачена по 14-ти пат. Ова големо и вредно признание досега го добиваа големи ѕвезди како Кристијано Роналдо, Нејмар, Златан Ибрахимовиќ, Хамес Родригез, Мохамед Салах и Сон Мин.
Марчин Олекси е прв Полјак кој се закитил со оваа награда. Заслужено.