Двократниот светски првак Сантос во 60-те и 70-те патувал низ светот на турнеи, а дел од атрактивниот состав покрај Пеле биле и уште седуммина репрезентативци на Бразил: Жилмар, Карлос Алберто, Клодоалдо, Камарго, Дијаз, Рилдо и Еду.
Во 1969 година отпатувале во Југославија каде имале договорено четири средби, против Динамо Загреб, Црвена Звезда, Партизан и Железничар. На првиот меч на Маракана одиграле 3:3 против Звезда, но три дена претходно го смениле распоредот.
Во 3.коло од првата лига на Партизан му гостувал новиот прволигаш Раднички. Мечот бил најавен како спектакл под рефлектори, а гостите биле горди бидејќи биле водечки град во Србија по многу нешта. Ја имале првата гимназија, првиот суд, првиот весник, аптека, музеј, библиотека.
Тоа што им фалело било само прволигашки фудбал. Градот имал околу 80.000 жители, на нивното гостување во Белград имало 35.000 публика, а на терен играле деца од Крагуевац.
„Цел град живееше за моментот кога влеговме во прва лига. Сите излегоа на улица да не поздрават, а атмосферата беше фантастична во текот на целата сезона. Првиот прволигашки фудбал на домашен терен го игравме против Хајдук од Сплит. Загубивме 3:1, но во состав имавме играчи по 19-20 години. Јас го дадов првиот гол за Раднички во прва лига, а потоа се играше прочуениот меч против Партизан“, се потсеќа Саво Пауновиќ.
Во Белград на 7 септември Раднички го одигра еден од најдобрите мечеви во својата историја. Го победи Партизан со сензационални 4:1, а легендата вели вака: Експедицијата на Сантос веќе била во Белград, а од ложата на стадионот Пеле искоментирал: Не, нема да играме против Партизан, ќе играме против овие момци.
Миленко Марјановиќ кој е поранешен претседател на Раднички изјавил:
„Ненад Бјековиќ од Партизан ги прашал нашите играчи: А каде е тоа Крагуевац? Тие смирено му одговориле: Ќе ти кажеме после мечот. Потоа немало потреба да се зборува, се било кажано на терен“.
За тој натпревар се зборувало дека благодарение на гостинските навивачи Белград прв пат видел бакљи, а тие го добиле прекарот Црвени ѓаволи и биле споредувани со навивачите на Манчестер Јунајтед. Главни меѓу навивачите биле Огледалце, Нуне, Американец, Лазе и Кинез.
Нуне ја однел девојка му на стадионот Чика Дача и ѝ рекол: „Гледаш, ова е мојата прва и најголема љубов, а ти си втора“. Потоа таму и ја запросил.
Дека во Крагуевац доаѓа Сантос не се ни знаело до ден-два пред натпреварот. Раднички во недела му гостувал на својот истоименик од Ниш и загубил, а веќе наредниот ден го очекувал тој дуел против моќните Бразилци кои пристигнале од Загреб каде одиграле 1:1 со Динамо. Само за тој меч Раднички повикал и четири засилувања од Ниш.
За жал тоа не било спектакл каков што обично правеле Крагуевчани, бидејќи имало силен дожд, но околу 1.000 навивачи со песна тргнале накај стадион, а мечот се пренесувал и на тв. За тој легендарен натпревар сите зборувале како ќе им дојде, едни викале дека имало 4.000 публика, а други 40.000. Нема човек во Крагуевац кој не знае за тој 15 септември.
„Да, па како може да не знам. Мислам дека не тепаа убедливо, нешто како 11:1, така ли беше“? Искоментирал келнерот Бели од еден хотел.
Но веројатно Бели се сеќава само на голот на Пеле, бидејќи беше единствен и чудесен, еден од оние кои се гледаат еднаш, а падна во 90 минута за конечни 4:4. Потоа се сети на тоа што навистина се случи на терен.
„Најдобар беше Еду кој ни даде три гола. Пеле не беше нешто многу ангажиран. Потоа Чавка (Владо Радивојевиќ) зборуваше како никој не смеел да го чува, па потоа тој го сопрел. Кога поведовме 4:3, Пеле тргна од центар, ги издрибла сите како на видео игра и даде гол“.
Се зборувало дека на таа турнеја на Сантос во Југославија било договорено сите натпревари да завршат нерешено, а дека Раднички четвртиот гол го постигнал нерегуларно и така го разлутил Пеле. Фудбалерите на Раднички тоа го демантирале и рекле дека Бразилците морале да плаќаат казни за секој пораз на турнеите.
Во извештајот на Политике експрес стои дека на тој 15 септември 1969 година на Чика Дача имало 6.000 гледачи. Тоа пак се коси со тоа што го тврдат Црвените ѓаволи кои тврдат дека имало над 10.000.
Колку и да имало она што се памети е дека Крагуевац за малку ќе направел сензација против славниот Сантос и дека Пеле освен спектакуларниот гол со пируета, не прикажал многу и повеќе шетал покрај аут линијата, мокар и смрзнат од силниот дожд кој не престанал.
Крагуевац во тоа време бил опиен од фудбал се до средината на 70-те кога Раднички повторно испаднал од прва лига. Сушата траела две децении, а страста на навивачите се вратила во 1998-ма кога нивниот омилен тим се вратил во елитата. Чика Дача повторно крцал и покрај тоа што гостувал Чукарички.