Ненад Цуковиќ брани за второлигашот Озрен од Петрово, клуб кој се натпреварува во Република Српска. И покрај габаритот го сметаат за одличен голман кој со оглед на неговата килажа заслужува да се најде во Гинисовата книга на рекорди.
„На последното мерење вагата покажа 130 кг. Тоа не ме изненади, бидејќи периодов имаше многу свадби, слави и други веселби. Богат со такви настани е и зимскиот период, а се ближи и свињоколот, па би можел уште да напредувам. Немам утврдено граница до која ќе одам со дебелеење. Другарите не ме чепкаат особено кога со добрите интервенции ги вадам од нивните грешки“.
Кога Озрен му гостуваше на Љубиќ во Прњавор, тој беше прогласен за играч на мечот, бидејќи не дозволи да биде совладан.
„Соиграчите ми велат дека противничките напаѓачи послабо се снаоѓаат кога ќе ме видат на гол линија или кога истрчувам, бидејќи едноставно се плашат и промашуваат добри шанси за гол“
Претпоставките се дека на Балканот, а можеби и во светот нема потежок голман од него, но за да влезе во Гинис потребно е да уплати котизација од 5.000 долари.
„Може да почнам да играм лото и да се надевам на добра добивка, па потоа ќе ме има во Лондон, каде ќе може да ме измерат, да ме сликнат и да ме стават во книгата. На островот би заминал само за време на зимската или летната пауза, бидејќи ниту за Гинис не би си дозволил да пропуштам меч на нашиот тим“, вели Ненад.
Тој е омилен меѓу соиграчите, фудбалерите од другите екипи и мештаните, кои му зборуваат сериозно да се распраша за Гинис, но најдобро после свињоколот.
Втор по тежина во Република Српка е првотимецот на Железничар, Оливер Цвјетиќ кој тежи 105 кила, но Ненад за него вели е „мала маца“ и дека не му е конкуренција.