Голема штета во Рејкјавик, Македонија водеше 0:2 и не успеа да победи

По разочарувачкото реми против Ерменија, македонската фудбалска репрезентација повторно освои само бод, но овој е како пораз. 65 одлични и доминантни минути против Исланд ги прокоцкаа за 6 минути. Mногу наивно.

Македонија тргна пожестоко и поконкретно во напад за разлика од четвртокот на Градски кога имаше проблем да скрои сериозна гол шанса, а Благоја Милевски се реши за две измени во однос на тој меч. Спировски место Трајковски и во шпицот на нападот Милан Ристовски место Јаховиќ.

Исланд играше многу поотворено од Ерменците, кои во Скопје се решија на бункер игра, а за избраниците на Милевски тоа значеше повеќе простор во напад. Први се заканија нашите двајца стопери од прекин.

На Муслиу му блокираа чиста шанса за гол, но веќе во следниот корнер кој го изведе Алиоски во 12-та минута, Велковски погоди со глава за 0:1.

Македонија беше подобра, имаше посед на топка и шанси, а потврда за тоа беше и статистиката. 11 удари во првите 45 минути од кои 3 во рамки на гол, само 1 на домаќините и тоа надвор од гол.

Водството во првиот дел беше сосема заслужено, а можеше многу лесно да биде и 0:2. Бјарнасон во последните секунди од првото полувреме му блокираше голема шанса на Барди кој доби убава топка од капитенот Ристовски.

Офанзивната игра и поголемата самодоверба, вродија со плод уште еднаш по само 9 минути игра во вториот дел, а предноста ја зголеми Алиоски кој тргна сам во соло продор по средина и со удар по земја го совлада Рунарсон.

Македонија играше поубедливо од претходниот меч и имаше контрола над играта околу две третини од средбата. Домаќините потоа притиснаа и дадоа два гола кои беа прегледувани на ВАР. Првиот во 64-та минута беше поништен, но вториот во 78-ма минута регуларен.

Столе Димитриевски боксуваше една незгодна топка од слободен удар, а Бјарнасон прв налета и ја заби во гол. Само 6 минути подоцна, избраниците на Милевски не го издржаа притисокот и одиграа многу млако во одбрана, а тоа го искористи Андри Гудјонсен кој лесно го надмудри Мусли во дуел игра и израмни на 2:2.

Претходно нововлезениот Трајковски пропушти голема прилика да зголеми на 1:3, а драматично беше и пред нашиот гол бидејќи и двете селекции се обидуваа да стигнат до 3 бода.

Голема штета за пропуштените 3 бода против Исланд, кои Македонија под водство на новиот селектор ќе ги бара веќе во среда, на домашен терен против Романија со почеток од 20:45.