
Тома Георгиевски е дете од школата ФК Њу Старс од Скопје која е во сопственост на некогашниот прв човек на ФФМ Илчо Георгиевски.
Младиот Георгиевски кој е роден на 26. февруари 2007-ма година поседува и француски пасош како што пишуваат Италијанците, а веќе играл за младинските репрезентации на Македонија до 15, 16 и 17 години. Тома е висок 182 сантиметри и според стилот на игра и физиономијата многу потсеќа на Сергеј Милинковиќ-Савиќ.
Тој настапува на позицијата дефанзивен играч за врска во средниот ред, а сега продолжува во клубот каде Горан Пандев беше цели седум години и каде доживеа убави фудбалски моменти па прва асоцијација на тифозите со Македонија им е токму Струмичанецот.
Посебно горди на овој мега трансфер се од неговата матична школа ФК Њу Стар од Скопје кои велат:
„Тома ја започна својата фудбалска кариера на 6-годишна возраст во фудбалскиот клуб Њу Старс, каде ги направи првите чекори на фудбалскиот терен. Заедно со своите соиграчи, уште од детската школа, напредуваа во младинци и оваа година го освоија и младинскиот Куп на Македонија и со тоа станавме младински шампиони на Македонија. Сето ова е благодарение на нашите современи тренинг процеси уште од најмала возраст, кои ги прават нашите сертифицирани тренери. Затоа се повеќе фудбалери од младинските категории, но и од сениорските категории стануваат цел на големите европски клубови, меѓу кои се Интер, Милан, Ница, Џенова, како и Динамо Загреб, Црвена Звезда, Партизан… Му посакуваме многу успех на Тома во Џенова, а сигурни сме дека ќе има богата фудбалска кариера и гордо ќе ја претставува Македонија каде и да оди“ – објавија официјално од ФК Њу Старс.