Го пукнаа Роналдо за селфи, редар со клизачи му влезе на португалски играч

Денешната програма на Еуро2024 донесе прв историски бод на едно Европско за Грузија (1:1) со Чешка, нов рекорден автогол на турнирот, Кристијано стана највозрасниот асистент на гол во историјата на Европските првенства, а на Лукаку по трет пат му поништија гол.

Репрезентацијата на Португалија со 3-0 ја совлада Турција, се пласираше во следната фаза со две победи и шест бода и покажа зошто е меѓу фаворитите за злато.

Бернардо Силва го отвори резултатот во 21' минута, во 28-ма Самет Акајдин си даде автогол а Бруно Фернандеш во 55' минута на асистенција на Кристијано Роналдо постигна гол за конечни 3-0.

Роналдо така стана највозрасниот фудбалер во историјата на Европските првенства кој забележал асистенција.

Мечот ќе се памети и по тоа што дури 5 пати имаше упади од гледачи од трибините со цел да се сликаат со Кристијано Роналдо. Првиот пат им пројде, едно младо момче се проби до капитенот на Португалија, а овој со насмевка прифати да направат селфи на сред терен.

Секој нареден упад го правеше Кристијано се понервозен и понервозен. На крајот последниот кој влезе на терен направи збрка меѓу редарите, а еден од нив се лизна и го собра резервниот фудбалер на Португалците, центарфорот на ПСЖ Гонсало Рамош кој лесно можеше да настрада после „клизачот“ од редарот.

ЧЕШКА - ГРУЗИЈА 1:1

Чесите и Грузијците одиграа нерешено и Грузија на тој начин го освои првиот историски бод на својот дебитантски настап на Европско првенство.

Патрик Шик со својот гол за Чешка стана најдобриот стрелец во историјата на оваа земја на Европски првенства, а во финишот од мечот Грузија имаше неверојатна шанса од контра 3 на 1 да постигне победнички гол но Саба Лобжанидзе промаши неверојатен зицер.

БЕЛГИЈА - РОМАНИЈА

На последниот меч вечерва, Белгија со 2-0 ја совлада Романија и ги освои првите три бода после почетниот пораз 0-1 од Словачка. Јури Тилеманс во 2' минута го постигна еден од најбрзите голови на Европските првенства, а Кевин де Брујне ги постави конечните 2-0 во 79' минута.

Оваа група е најнеизвесна затоа што сите 4 екипи имаат по 3 бода, и Белгија и Романија и Словачка и Украина.

22 јуни 2024 - 22:42