Разликата меѓу Евролигата и НБА?
НБА е тотален бизнис. Тешко се стига, но на европејците им е многу полесно да играат таму. Јас сум изгледа единствена будала што се врати. Имав и договор. И Евролига е бизнис, ама не како во НБА. Да ги земеме Ѕвезда и Партизан кои направија бум во Евролига. Тоа е празник за кошарката во Белград, но и на цел Балкан. Се чека во редици за карти, но пак не може да заработат и да влезат во плус. Во НБА со реклами, тв права, таму се огромни цифрите. Сега потпишаа милијардерски договор од кои делови одат за клубовите. Во Евролига шампионот зема награда од 1,5 милиони, а еден играч може да ти чини и 3 милиони. Во НБА е мед и млеко. Без разлика дали си промашил, ти таму играш кошарка и парите ти се тие. Може само да те трејдуваат. Во Европа ако не играш добро, после 2-3 месеци може да ти речат: Еве ти една плата и си одиш. Во НБА тоа нема, мирен си. Плус во Европа имаш навивачи и тоа им помага на европејците бидејќи чувствуваш екстра одговорност.
Што прават Јокиќ и Дончиќ во НБА?
Уживаат и си ги зезаат Американците. Дури ја мислам дека Јокиќ игра со 50%. Многу ми е драг и близок. Летово кога бев играа Мемфис - Денвер, се видовме, си направивме муабет. Се знаеме кога Мишко Ражнатовиќ го зема од Мега Визура. На него му на некој начин досадно. Него хоби му е кошарката, а љубов му се коњите. Мајк Буденхолер, легендарно тренерско име, кое сега е во Феникс, доаѓа, а ние губиме 14 меча по ред: „Ок момци, денес направивме многу добри работи“. А ја си викам кои добри работи, опцуј не, направи ни нешто. Кај Жељко втор натпревар кога ќе изгубиш: Иди у три лепе...Можеш да замислиш реденката како оди. Па ќе ни даде тренинзи по 3-4 часа. Во НБА има Унија на играчи каде можеш да се пожалиш од тренерот па го викаат на разговор и му кажуваат да намали со тренинзите. Таму нема многу тренинзи, во четири дена имаш три натпревари, постојано патуваш, сè е тоа забава, играчите да се во најдобар психофизички ред.
Колку пари и дал на КФМ?
Шест цифри во странска валута се парите кои ги вложив во федерација, не сакам да зборувам за тоа, си знаат луѓето. Пополнуваме дупки. Јас сам си донесов мебел, немаше мебел во канцеларија. Мојот Мерцедес се користи за превоз и јас си ги покривам сите трошоци за него. Ќе дојде некој гостин, не можам да го возам со Пежо излепено со селотејп, кое инаку го наследивме. Сакаме да ги пречекаме во најдобро светло, како што нас не пречекуваат. Кога ќе не викне ФИБА во Женева, ти праќаат кола. Тоа се нормални работи.
За пријателствата со балканските ѕвезди во НБА
Моите деца растат со нив. Лука Дончиќ му праќа на син му дрес. Ал Харфорд им е како вујко, си зборуваат на телефон. Богдановиќ им е како најдобар другар, Денис Шродер...Боги е цар, цимери бевме две години во Фенербахче.
Како помага финансиски?
Ќе купев стан и сакав да го живеам животот, а посебно тие околу мене. Имаше по 20 души околу мене. Имаше плаќање кредити на станови, купување коли. Не барале, ќе чуев дека имаат кредити. Имаше еден кредит 38.000 евра. Се јавив во мојата банка и реков „Земете од мојата сметка, исплатете го кредитот и остајте ми едно пусулче“. Ми било мерак да купам и кола на некој и не сум сакал ништо за возврат, само не сум сакал да испаднам мајмун и да те изгубам на крај. Парите ми донесоа и школа и проблеми во исто време. Цело време не знаеш дали си со правите луѓе.
Американците вака живеат?
Денар не даваат. Излегуваме на вечера со играчите на Атланта Хокс. Се најадов, вино се напив, доаѓа 2 часот по полноќ и сакам да си одам дома, ама никој не бара сметка. Еден зема 29 милиони по сезона, друг 18, трет 16, а јас 1,15 милиони. Од тие одземи 40% данок, плус за стан, пак останува, ама 29 милиони во споредва со мојата плата. Викам сметка, ја плаќам, 20% оставам на тоа. Потоа му кажав на тренерот, ако сакате да ги носам за тимски дух, пошто Американците не се дружат, ќе ми ја дадеш тимската картичка и ќе ги носам секој понеделник на вечера.
Ги реинвестираше ли парите?
Во Македонија немам бизнис, бидејќи тука за да се стигне до бизнис треба да си близок до некои луѓе. Бизнисите ми се во Србија и Република Српска во рударство и градежништво. Ми патеа во последните две години, тотално не бев сконцентриран на ништо од тоа поради ситуациите. Најголемата болка кај сите спортисти кај нас е сегде да си ценет, те канат на интервјуа, цела сала ти скандира и доаѓаш тука и имаш проблеми, а правиш сè со свој труд, со своја енергија, да не кажам и дел со свои пари како спонзор. Не очекувам да добијам браво, но барем да не ми одмогнуваат.
За понудата од Феникс Санс
Летово бев два пати во Америка. Договорот како помошник тренер ми беше на маса на три години и го одбив. Првата година 250.000, втората 300.000, третата 350.000 долари нето. Одбив за да се борам со моите луѓе во федерација со кои сме тим. Имам одбиено и 1,6 милиони во Кина, поради тоа што си подадов рака со Тоше дека ќе се бориме против криминалот во нашата кошарката. Знаеме што ни требало нас како играчи и ние сме само сервис да им дадеме. Мишко Ражнатовиќ ми се јави и таа понуда беше за 6 месеци. И никогаш не ми поминало во глава: Еј глупаку зошто не отиде. Не жалам ни секунда. Во пријатели ми се и клубовите, а дел се почесни кои стојат на правата страна, што не потпаѓаат на влијание или закани. Со нив заедно ќе се борам до крај. Јас сум горд Македонец со српско потекло од дедо ми. Јас и татко ми сме родени во Македонија, а дедо ми во Ниш.