
Во викендот кога ширум Европа се играа спектакли од Мадрид преку Рим до Милано, во Леверкузен „аспирините“ предводени од легендарниот Чаби Алонсо го урнаа големиот Баерн Минхен. И тоа после две многу чудни епизоди.
После 25 кола сега Борусија Дортмунд е прва во Бундеслига со 53 бода, еден повеќе од Баерн кој е втор. Трет на табела е најголемото изненадување во цела Европа, Унион Берлин кој има 48 бода и кој со серија триумфи лесно би можел да се искачи на врвот.
Сјајна сезона игра и Фрајбург (46 бода, 4. место) кој стигна дури до 1/8 финале на Лига Европа, а тука се секако и РБ Лајпциг (45 бода, 5. место).
БАЕР ЛЕВЕРКУЗЕН СО ЧАБИ АЛОНСО ГО НАЈДЕ РЕЦЕПТОТ ЗА БАЕРН МИНХЕН
И покрај големите дерби дуели (Барса - Реал, Интер - Јувентус, Лацио - Рома), оној кој се решил да го изгледа дербито меѓу Баер Леверкузен и Баерн Минхен, фатил одличен фудбал.
Баварците поведоа во средина од првиот дел кога Џозуа Кимих најдобро се снајде во шеснаесетникот на Баер, кога топката се одби и заврши во голот на домаќините. На полувреме се отиде со водство на шампионот.
А во вториот дел се случија многу интересни епизоди, досега невидени во германската Бундеслига.
Прво во 53’ минута Бенжамин Павар го фаулираше младиот француски бисер Амин Адли но главниот судија Тобиас Штилер процени дека е глума па му даде жолт картон на Адли. Откако го викнаа да гледа ВАР, сфати дека погрешил, го повлече жолтиот картон на Адли и досуди пенал. Притоа му се извини на младиот фудбалер на Баер.
Леверкузен израмни од пенал преку Паласиос.
За се да биде уште почудно, во 70-та минута уште една буквално иста ситуација. Дајо Упамекано му изби топка на Адли од под нозе, но судијата Штилер пак процени дека е глума и му даде жолт картон на 22-годишниот напаѓач кој играше во Тулуз.
По реакција на ВАР собата, судијата Штилер одново беше викнат да провери снимка, па пак процени дека погрешил, призна, пак му го поништи жолтиот картон на Адли, се извини и досуди пенал.
Паласиос пак прецизен за 2-1 и победа на Леверкузен кој го оствари третиот триумф во низа.
Во Германија, за разлика од другите првенства ширум Европа, на судиите им е дозволено да коментираат после натпреварите, па Тобиас Штилер за грешките рекол: „ВАР ми го спаси животот и го спаси животот на мечот. На крајот и двата тима беа среќни зошто правилни одлуки се донесоа. Единствено што ни останува е да се посмееме. Се гушнавме со Адли за време на мечот а и после мечот. Ми го вети и дресот“.
ЧАБИ ГО НАЈДЕ РЕЦЕПТОТ ЗА БАЕРН, СЕ ПРОМОВИРА ВО ОДЛИЧЕН ТРЕНЕР
Чаби Алонсо откако заплива во тренерски води, пристојно го води Баер Леверкузен. Интересно, Шпанецот кој освои Европско и Светско првенство и Лига на шампиони, како играч на Баерн Минхен ниту еднаш не изгубил од Баер Леверкузен на шест меча а како тренер сега го победи гигантот од Баварија и тоа од прв обид.
Чаби седна на клупата на Леверкузен во октомври лани по тешкиот пораз 4-0 токму од Баерн Минхен кога претходниот тренер доби отказ. Од тој момент „аспиринџиите“ од претпоследни на табела стигнаа до осмо место и се борат за еврокупови (три бода помалку имаат од шестиот).
Леверкузен со некогашниот играч на Реал Мадрид, Ливерпул и Баерн Минхен игра одлично и во Лига Европа каде стигнаа до 1/4 финале по триумфот над унгарски Ференцварош.