Претседателите и директорите на клубовите во првенството каде се вртат најголеми пари, за сега веројатно се задоволни од нивната работа. Од 1995 година па до сега, не се случило во Премиер лигата да нема отпуштање на барем еден тренер до Божиќ.
Минатата сезона во овој период отказ добија Мартин Јол од Фулам, Стив Кларк од ВБА и Вилаш Боаш од Тотенхем. Еден ден после „Боксинг деј“ Кардиф го отпушти Малки Мекеј.
Единствената тренерска промена оваа сезона во Премиер лигата се случи во Кристал Палас. Тони Пулис беше прогласен за најдобар тренер во сезоната 2013/2014, но на стартот од оваа одлучи самиот да си замине поради тоа што раководството не му ги исполни барањата околу засилувањата.
Единствениот тренер кој во првиот дел од сезоната во Франција се соочи со отказ беше Клод Макелеле. Поранешниот играч на Челси како тренер дебитираше во Бастија на 24 мај, но по помалку од шест месеци беше отпуштен откако на 3 ноември неговиот тим загуби од Генгамп. Лани ова време во Лига 1 без работа останаа пет тренери.
Во италијанското, шпанското и германското првенство во досегашниот дел од сезоната беа отпуштени вкупно 12 тренери, по четворица во секоја лига.
Во Серија А Каљари денеска официјално му кажа збогум на Зденек Земан, а претходно истото ги снајде Корини (Киево), Мацари (Интер) и Бизоли (Чезена). Ист број на тренери на чизмата пред крајот на годината беа отпуштени и лани.
Во Бундеслигата се разделија Хамбург со Мирко Сломка, Шалке со Јенс Келер, Робин Дут со Вердер и Армин Вех со Штутгарт. Сломка и лани беше четвртиот отпуштен тренер, но два дена по Божиќ кога се раздели со Ајнтрахт Франкфурт.
Во Примера минатата година беа отпуштени тројца, а сега тоа се Алберт Ферер (Кордоба), Хозе Луис Мендилибар (Леванте), Јагоба Арасате (Реал Сосиедад) и Франциско Хавиер (Алмерија).