Фуријата ја разнесе Ирска

Актуелниот европски и светски шампион во голем стил го одигра вториот дуел на првенството во Полска и Украина, совладувајќи ја Република Ирска со 4:0. Со овој пораз тимот на Џовани Трапатони дефинитивно ги загуби шансите за пласман во следната фаза додека Шпанија и покрај убедливиот триумф се уште не е сигурна дали ќе се најде во следната рудна од натпреварувањето.

Шпанија беше доминантна во текот на целиот меч имаше 66% посед на топка, упати 26 удари кон голот на Шеј Гивен од кои дури 20 одеа во рамките, а четири од нив завршија во мрежата на противникот.

Тимот на Висенте дел Боске уште самиот почеток на мечот тргна во офанзива, рано постигна гол, а во продолжението креираше голем број на шанси и Ирците можат да бидат среќни што на крајот загубија со 4:0.

"Ова е голема победа за нас, многу сум горд на моите фудбалери, среќен сум што Торес максимално ја искористи шансата и успеа да постигне два гола. Но, мечот со Ирска веќе е минато и сега полека се концентрираме на тоа што не очекува во следниот настап. Не сакам ниту да помислам дека против Хрватска ќе играме на бод. Тоа е премногу ризично, имаме одличен тим и затоа ќе одиме на победа. Воопшто не ме интересираат калкулации, ни треба победа и ќе одиме да три бода", изјави по натпреварот селекторот на Шпанија, Дел Боске.

За разлика од дуелот против Италија, сега Шпанците нема потреба да се жалат на теренот. Организаторот немаше потреба дополнително да го полева, ниту да се бара согласност од противникот. Во поголемиот дел од натпреварот врнеше дожд и подлогата на стадионот во Гдањск беше доволно брза.

"Игравме одлично, теренот беше брз и сите играчи уживаа во натпреварот. Сега не чека, Хрватска, мораме да победиме бидејќи со трите бода од тој натпревар нема дилема дека првата фаза во групата ќе ја завршиме на првото место", истакна дефанзивецот, Џерард Пике.


На спротивната страна нема простор за задоволство на селекторот на Република Ирска, Џовани Трапатони се уште не му е јасно што се случи на теренот.

"Имавме одлична психолошка подготовка пред натпреварот. Играчите знаеја против кого играат, но на крајот доживеавме убедлив пораз. На последниот тренинг сите беа добро расположени, очекуваа добар меч, а кога истрчаа на теренот се пресекоа нозете. Рано примивме гол, правевме многу грешки, Шпанија беше супериорна во секој поглед и на крајот заслужено победи", изјави 73-годишниот Трапатони.

Единствено во Гдањск висока оцена добиваат навивачите на Република Ирска. Тие ги бодреа милениците до последниот свиреж на судијата, а во последните десетина минута и покрај водството на противникот не застанаа со песната.

Навивачите на Република Ирска во Гдањск беа големи во е еден убедлив пораз.

15 јуни 2012 - 00:49