Тун забележи 23 победи и постигна 72 гола. На 7 кола пред крајот со една рака речиси го допреа шампионскиот пехар во сезона која ќе биде за документаен филм.
Ова ќе биде прва шампионска титула во 128 годишната клупска историја на Тун кој доаѓа од истоименото скромно градче. Зад себе секогаш имаат полн стадион „Стокхорн Арена“ која собира 10.000 гледачи а зад едниот гол е најверната навивачка трибина.

Тун некој го памети од Лига на шампиони во 2005-та година но тогаш се квалификуваа во елитата како второпласиран швајцарски клуб. Ги совладаа Динамо Киев и Малме во квалификациите а во група играа против Арсенал, Спарта Прага и Ајакс.
Тогаш за Тун играше и даде дури и гол против Ајакс сегашниот тренер Мауро Лустринели.

„Игравме (против Арсенал) сјаен натпревар и бевме близу до бод но Денис Беркгамп даде гол за 2-1 во судиско продолжение. Две недели подоцна и ние дадовме гол на крај и ја победивме Спарта Прага. После јас дадов гол против Ајакс и промашив голема шанса за 3-2 во 90-та минута. Тие дадоа гол веднаш после тоа од контра и победија. Тоа беа неверојатни времиња“, се сеќава тренерот на лидерот во швајцарска Суперлига, Мауро Лустринели.
Тој сега испишува уште едно славно поглавје во клупската историја, додека претседателот на Тун Андрес Гербер тогаш исто бил дел од екипата во 2005-та година.
„Дојдов во Тун пред крајот на мојата играчка кариера и неочекувано се најдов во Лига на шампиони. Поради повреда на Ахилова тетива пропуштив некои натпревари но играв на Хајбери со инјекции против болки. Сакав да го доживеам тоа“, се сеќава Гербер.

Тој останал во Тун по играчката кариера и станал спортски директор по повлекувањето. Во 2020-та станал претседател на клубот.
„Бевме испаднати, а претходниот претседател Маркус Лити се повлече и јас бев единствен кој може да го замени тогаш. Ситуацијата беше крајно тешка. Не знаевме дали ќе преживееме финансиски и моравме да го броиме секое евро. Некако најдовме начин да пронајдеме нов инвеститор кој стигна и се обезбедивме“, се сеќава Андрес Гербер.
Тун бил на средина на табела во втора лига кога за тренер го поставиле Мауро Лустринели. Тој претходно имал одличен успех со младинската репрезентација Швајцарија У-21 и добил неколку понуди. Но се решил да дојде во клубот кој добро го знае.
„Не бев тогаш многу во комуникација со Мауро, но останавме во добри односи од нашите играчки денови. Отидовме кај него дома, му го претставивме проектот и бевме воодушевени дека се согласи да прифати“, вели Гербер.
А тренерот додава: „По разговорот со Андрес, почуствував дека тоа е прав проект за мене. Избрав со срце“, вели Мауро.
ЗАВРАТИЛ РАКАВИ, ГО ЧЕКАЛО МНОГУ НАПОРНА РАБОТА
Кога дошол на клупата на Тун, Мауро Лустринели морал да состави екипа кадарна да се бори за пласман во Суперлига. Капитенот Марки Бурки се сеќава на тој период:
„Играв за Тун на позајмица од Јанг Бојс пред десетина години и се вратив во клубот во 2021-ва зошто ја сакав неговата култура. Но кога дојдов назад се испостави дека работната етика не беше иста. Моравме да го смениме тоа и да превземеме одговорност. Кога Муаро беше поставен, работите почнаа да се менуваат постепено“.

Тун завршил шести во втора лига во 2023-та и научил добра лекција.
„Донесовме многу играчи на позајмица и немаше тимски дих. Тогаш решивме да направиме екипа од оние кои му припаѓаат на Тун и веруваат во нас. Сакавме да промовираме локални фудбалери“.
Еден од нив бил и младиот локален талент Итан Меихтри. На 15 години го прекомандувале во прв тим за време на пандемијата.
„Моравме да тренираме самостојни за време на карантинот. Не го сфатив тоа многу сериозно и не бев баш фит кога се вратив така што тренерот ми кажа да си одам од екипата“.
Тогаш Меихтри отишол да работи како мајстор на градежни проекти на патиштата низ градот. Играл за аматерскиот клуб Диренаст. Таму го видел тренерот на младинците на Тун и го викнале да се врати во 2023-та. Веќе во 2025-та тој бил главен штраф во тимот кој се вратил во Суперлига.

И лани во летото 2025-та „стручни“ коментатори тврделе како играчи како Меихтри не се спремни за силната Суперлига, но Тун ги демантираше.
„Континуитетот и заедничкиот дух се клучни. Имаме одлична група и мора да останеме заедно. Моја задача е да ги подобрам сите играчи. Тие му помогнаа на Тун да се искачи горе и добија шанса во суперлига“.
Претседателот Андрес Гербер вели:
„Направивме неколку трансфери, но веќе беше лесно да се приклучат на веќе оформена екипа“.

Пред сезонава, Гербер и тренерот Лустринели зацртале цел Тун да заврши во први шест екипи на табела што многумина го сметале за апсолутно неостварливо во така силна конкуренција со побогати и поголеми клубови.
„Мора да бидеме амбициозни, дури и кога нашиот буџет е претпоследен во лигата“, рекол Гербер а капитенот Бурки додал: „Видовме дека тоа е подруго ниво но очигледно никој не помисли дека ќе се бориме за врвот“.
Тун ја започнал оваа сезона 2025/2026 со четири победи што бил рекорд за клуб кој дошол од втора во Суперлига.
„После седмиот или осмиот натпревар, се сеќавам дека седевме со нашиот ѕвезден играч Леонардо Бертоне и си рековме: 'Гледај на прво место на табела сме!'. Дури и смешно беше. Имаме многу неискусни играчи и не знаевме како ќе реагираат. Но сите одговорија брилијантно! Никогаш не бевме нервозни, не чуствувавме притисок“.
Од декември месец тие почнале да сонуваат дека на крај би можат чудесно да бидат во топ 3 на крајот од сезоната. Последниот натпревар во 2025-та против Цирих бил клучен.
„Губевме 2-0 против Цирих на полувреме и на крај победивме 4-2. Тогаш сфатив дека овој тим навистина има победнички менталитет. Знаевме дека можеме да направиме нешто посебно.

Многу луѓе викаа дека нема да издржиме до Божиќната пауза но нашите настапи го докажаа спротивното. Пораснавме ментално и навистина веруваме во себе“, вели творецот на чудотото на Тун, тренерот Мауро Лустринели.
Тун имал и серија од 10 победи по ред во швајцарската Суперлига додека другите големи клубови од Швајцарија како Јанг Бојс, Базел и Цирих се постојано непостојани. Во февруари месец предноста на Тун како прв на табела веќе станувала тешко достижна.
„Лудо е што од работник на патишта би стигнал до шампион на Швајцарија во само три години. Другарите не веруваат“, вели Меихтри.
Капитенот Бурки со насмевка вели „Некој да ми кажеше дека ќе станам шампион откако дојдов во Тун, би рекол дека е сигурно пијан“.
Главен центарфор на екипата е новиот македонски репрезентативец Елим Растодер, 24-годишен напаѓач кој за првпат беше повикан во репрезентацијата уште лани од селекторот Благоја Милески.
Тој е висок 191 сантиметар, роден е во швајцарското градче Ветцикон на 7-ми октомври 2001-ва година. Има македонско потекло, македонски пасош и изразил желба да заигра за Македонија. Тој целата своја кариера од најрана возраст ја градел во Швајцарија. Играл и во Вадуц а потекнува од школата на трофејниот Грасхоперс.
Интересно тој дебитираше за Македонија на 4-ти септември 2025-та а сезонава е прв стрелец на Тун со 12 постигнати гола во швајцарската Суперлига.

Интересно Бурки го сметале за најмалку талентиран фудбалер во спортското семејство каде најпознато име е голманот на Борусија Дортмунд и роден брат на Марко, Роман Бурки кој бранеше и во Лига на шампиони со Дортмунд.
Роман сега е во Сент Луис во САД а на крајот од сезоната му истекува договорот па би можел да му се приклучи на брат му во Тун.
„Секогаш сонував да играм заедно со Роман, но сега сум среќен од оваа точка што претходно моите планови никогаш не се материјализираа да одам на друго место“.
Претседателот Гербер се приклучува на еуфоријата: „Нашата бајка е доказ дека ништо не е невозможно во фудбалот. Никогаш не вели никогаш“.

Тренерот Мауро Лустринели е воодушевен што неговата екипа се споредува со легендарното чудо на Лестер Сити во Премиер лига.
„И двајцата тренери сме Италијанци. Јас не сум Клаудио Раниеро но сум швајцарски Италијанец“, вели Лустринели кој после оваа сезона сигурно ќе има бројни богати понуди и од италијанските клубови од Серија А.
Тој има договор до 2028 со Тун. Сега ако освојат шампионска титула, следен сон ќе им биде да се пласираат во Лига на шампиони за втор пат во клупската историја.
„Тоа би било големо нешто за крај на овој круг, но дефинитивно нема да биде лесно. За сега, треба само да уживаме во моментот“, заклучува Мауро Лустринели.