Барио Лас Маргаритас е населба која се наоѓа во Хетафе на 13 километри јужно од Мадрид. Се работи за зона со скромни куќи каде живеат доселеници. Има пазар, неколку мали плоштади и терен за фудбал со земјина површина.
Се гледа од прозорецот на собата на малиот Ашраф. Желбата му е и тој да истрча и да се измеша меѓу децата, но татко му Хасан во него гледа подобра иднина.
Септември 2005. Во канцелариите на Колонија Офигеви, се појавува господинот Хакими, а за раце ги држи двајцата негови синови, Ашраф и Набил. Инаку тоа е локален клуб за развој на деца таленти.
Поминуваат неколку тренинзи, а директорот на клубот Хуан Хозе Мајор за Ашраф вели:
„Детево е неверојатно, како може да е толку јак на негова возраст“?
15 години после тоа негово сведоштво се потсетува на тие моменти.
„Кога го гледав не ми се веруваше. Тренираше со деца две години поголеми од него и кога организиравме турнири, сите се воодушевуваа на неговите партии“.
Марој бил директор на Колонија од 2004-та до 2010-та, клубот во кој Хакими ги направил првите чекори. Им организирал на децата по два тренинзи во неделата и еден меч за викенд, а тоа повеќе го правел како хоби.
„Тоа го работевме со страст, а не за пари. Целта ни беше да им дадеме надеж на децата од Лас Маргаритас. Хакими имаше потреба само да му се даде можност. Кај нас играше крилен напаѓач. Имаше импресивна брзина. Ќе ја залепеше топката на нога, ќе ги поминеше сите и даваше гол. Беше мала ѕвезда“.
Во средина на сезоната на терен им се појавил Мануел Алкаид, кој работел како скаут во Реал Мадрид. Погледнал неколку тренинзи, а потоа влегол во клупската канцеларија со конкретно барање.
„Сакам да го однесам детево кај нас“, мислејќи на Ашраф.
Мајор му организирал разговор со татко му и после неколку недели почнува да тренира во академијата на Реал Мадрид. Татко му бил многу загрижен, бидејќи спортскиот центар на Реал бил многу оддалечен од Лас Маргаритас и морал да прави многу жртви за да го носи на тренинзи и да го гледа на натпревари.
Денес мароканскиот репрезентативец вреди 40 милиони евра. Пристигна во Италија и потпиша 5 годишен договор со Интер за плата од 5 милиони евра по сезона.
„Кога си замина од кај нас, не побаравме ништо од Реал. Ако некое дете имаше талент, не му ја затворавме вратата. Бевме мал клуб, само ни требаше опрема за да може да продолжиме. Така од Мадрид ни испратија неколку топки, а ние им го дадовме Ашраф на 7 годишна возраст“.
„Сите очекуваа дека ќе стане професионален фудбалер. Беше низок за негови години, но физички беше поразличен од другите. Брз и силен. Во годините кога јас бев таму, беше единствено дете кое замина во Реал. Нивните стандарди беа високи и само Ашраф успеа да ги импресионира“.
„Во Мадрид решија да го играат поназад. Не е повеќе напаѓач, но карактеристиките му се тие истите. Последниве години се подобри многу како десно крило. Во Интер може да работи многу и во дефанзивната линија. Што се однесува до асистенциите и головите, тоа е гаранција“.
По деби сезоната 2017/2018 во Ла Лига, Реал го прати Хакими на две годишна позајмица во Борусија Дортмунд. Во првата имаше 28 настапи и 3 гола, а во втората одигра 45 натпревари и постигна 9 гола.
„Мислам дека има желба да проба ново искуство како протагонист. Сега во формацијата на Зидан 4-3-3 не би имал минутажа и покрај тоа што тој го познава добро и му даде шанса да дебитира во 2017-та. Ашраф е мадридиста и сигурен сум дека еден ден ќе се врати дома“, смета Мајор.
„Инаку не личи на никој од играчите на Интер на таа позиција. Мајкон и Занети беа повеќе дефанзивни, а Роберто Карлос даваше голови бидејќи имаше импресивен удар. Хакими е иновативен играч. Сигурен сум дека ќе се развива и ќе игра добро во Италија“.
Момчето кое порасна во Лас Маргаритас ги оствари своите соништа, но и оние на татко му кој сметал дека не е фудбалер за во маало. Реал, Борусија, а денес Интер. Токму против неговиот најнов клуб постигна два гола во ЛШ и ги остави сите зинати, исто како што тоа го правел како мал.
Хуан Хозе Мајор на само 7 години ја предвидел иднината во него.