Фудбалерите кои не го оправдаа презимето

Некои играчи го носеа товарот од славата на нивните браќа и татковци, но не се прославија во тоа. Од Жорди Кројф до Хуго Марадона, десет фудбалери докажаа дека во фудбалот не важи она „крвта не е вода“.

Што имаат заедничко Паоло Малдини, Кристијан Виери, Франк Лампард и Хуан Себастијан Верон? Татковци фудбалери, кои сепак успеале да ги достигнат па и престигнат. Да се родиш како син или брат на некој ас не е лесно, затоа што треба да се пресметуваш со минатото, со себе и со противниците.

Некои успеаа, а други не во намерата да го сочуваат реномето на презимето.

1. Бруклин Бекам

Веројатно е уште рано да се прогласи за неуспешен, но веќе на 16 години, младиот Бекам е на тој пат. Изгледаше дека синот на славниот Дејвид Бекам, ѕвездата на Манчестер Јунајтед и англиската репрезентација има предиспозиции да го наследи татко му. Бруклин беше на проба во Арсенал, но во февруари 2015-та „Топџиите“ решија да не потпишат договор со него.

2. Симоне Инзаги

Во сезоната 1998/99, Симоне Инзаги имаше 22 години и доби шанса во Пјаченца, клубот од неговиот роден град. Симоне даде 15 голови на 30 натпревари и го привлече вниманието на Лацио. Во првата година на Олимпико одигра 40 натпревари и постигна 19 голови во сите натпреварувања. Го освои скудетото на 4. март 2000 година, му даде четири голови на Олимпик Марсеј и го израмни тогашниот рекорд на Марко Ван Бастен и Ференц Пушкаш (Меси го надмина лани).

Стигна и повик од репрезентацијата на Италија, каде одигра некоја минута со брат му Пипо. Од 2004. до 2006. година даде само четири голови за шест години по што се повлече и стана тренер. Со младинците на Лацио го освои Купот и Супер купот на Италија. Можеби на клупата ќе биде подобар од Пипо, ако не беше теренот.

3. Брајан Лаудруп

Чист талент, но никогаш на нивото на брат му Михаел. Брајан дебитираше на 17 години во Брондби, пред да се пресели во германскиот Ердинген. Се проба и во Баерн Минхен, каде за две години одигра 44 средби и даде 11 голови. Откако го освои ЕП 1992 со Данска, премина во Фиорентина. Заигра и во Милан (9 натпревари 1 гол).

Брајан Лаудруп подоцна се препороди во Шкотска, каде играше за Глазгов Ренџерс. Кариерата ја продолжи во Челси, а ја заврши во Ајакс во 1999/00 на 31 година.

4. Федерико Игуаин

За него, три години постар од брат му беше многу тешко да се носи со експлозијата на Гонзало. Како постар, тој требаше да биде гордост на семејството, а не Гонзало.

Дебитираше со 19 години за Ривер Плата, потоа даде 29 голови на 77 средби за Нуева Чикаго од 2005 до 2007. Играше и во Бешикташ, кој требаше да му биде отскочна даска во Европа, но работите не одеа по планот. Брат му на Игуаин ја заврши кариерата во Колумбус Кру во САД и даде 27 голови и 23 асистенции на 71 натпревар.

Одличен напаѓач, иако не е на нивото на Пипита.

5. Еди Баџо

Мустаќите и брадата му беа исти како на Роберто. Му фалеше само репчето. Еди Баџо беше фотокопија на брат му Роберто, сè додека не ја фатеше топката. Иако никогаш не го достигна легендарниот Роби, Еди Баџо даде 22 гола на 32 натпревари за Асколи во сезоната 1999/2000. Во Анкона играше во нападот со Макс Виери (брат му на Бобо). Се пензионираше во 2010. година во аматерска лига.

6. Жорди Кројф

Син на две земји, Холандија и Каталонија и на еден татко со посебна тежина, Јохан Кројф.

Жорди дебитираше на 20 години за првиот состав на Барселона, а тренер му беше татко му. Штом Јохан Кројф ја напушти Барса, си замина и син му. На 22 години се пресели во Манчестер Јунајтед и освои три титули, но само еднаш имаше доволен број на настапи за да земе медал.

Играше малку во Јунајтед, се врати во Шпанија каде играше финале на Куп на Уефа со Алавес, а кариерата ја заврши меѓу Украина и Малта. За Холандија се појави на 9 натпревари и даде само еден гол, а за Каталонија постигна два гола.

7. Макс Виери

Братот на „Бобо“ и син на „Боб“. Масимилијано Виери е роден во Сиднеј во 1978. година, а во фудбалот се протна благодарение на постариот брат. Кога Јуве го купи Кристијан во 1996. година, Старата дама одлучи да го доведе и брат му кој играше за младинците.

Тоа беше воедно и најголем дострел на Макс Виери, кој најголемиот дел од кариерата ја помина во Серија Б и Серија Ц1.

8. Стефан Бекенбауер

Пробајте со ова презиме да играте во одбраната. Стефан Бекенбауер не се споредуваше ниту со најлошите карактеристики на татко му. ДНК-та му даде шанса да се проба со младинците на Баерн Минхен, но никогаш не заигра за првиот тим. Прејде во Минхен 1860 и таму ја заврши кариерата. Во моментов е тренер на пионерите во Баерн Минхен.

9. Хуго Марадона

„Ќе биде подобар од мене“, изјави Марадона по двата гола на брат му Хуго на еден натпревар од СП за играчи до 16 години во далечната 1985. година.

Со „менаџер“ како Диего и техниката како визит карта не му беше тешко да најде клуб. Како 18-годишен потпиша со Асколи. Го носеше бројот 10, но одигра само три натпревари како првотимец. Сè друго за заборав.

Нула голови на 13 натпревари во Рајо Ваљекано и Австрија Виена, пред да замине во Јапонија, единствена земја каде не бил бледа сенка на брат му. Ако Диего е најголем во историјата, тогаш Хуго е чиста спротивност.

10. Најџел Клоу

Татко му Брајан беше расен стрелец а подоцна тренер кој правеше чуда и влезе во историјата на англискиот фудбал како еден од најдобрите. Најџел играше за Нотингем Форест кога татко му беше тренер и даде 101 гол за 9 години. Потоа играше за Ливерпул и Манчестер Сити, но не се снајде најдобро. Од 2009. до 2013 година беше тренер на Дерби Каунти, клуб кој со татко му стана шампион на Англија. Во моментов е тренер во Шефилд Јунајтед.

Никогаш не му посветија филм или книга како „Проклетиот Јунајтед“ за татко му, но за Англија одигра повеќе од стариот Клоу, 14 наспрема 2.