Фото финиш во Шпанија, кој ќе ја освои титулата?

По ремито без голови во големото дерби меѓу Барселона и Атлетико Мадрид, Реал Мадрид и Севиља одиграа 2:2 со што и натаму сите четири екипи конкурираат за вредниот шампионски пехар.

Реал и Севиља имаа бурен натпревар. Гостите од Андалузија на два пати водеа, ама домаќинот се враќаше и со освоен бод ги задржа шансите за титулата.

Интересно беше во последните 15 минути кога и двата тима имаа шанси за гол. Прво после еден корнер на Севиља топката го удри во рака стоперот Милитао, но акцијата продолжи и на другата страна голманот Боно направи прекршок за пенал над Бензема во шеснаесетникот.

Но судијата Хуан Мартинез Мунура гледаше ВАР и досуди пенал за Севиља поради играњето со рака во претходната акција. Иван Ракитиќ беше прецизен за 1-2.

На кај Реал се спаси кога по еден шут од далечина на Тони Крос, топката се одби од Еден Азар и влезе во голот за 2:2. 

ПОСЛЕ 35 КОЛА ДРАМАТА Е УШТЕ ПОГОЛЕМА

Иако од сабота во сабота, од недела во недела се очекува разврска во шпанска Ла Лига, такво нешто уште нема.

Сите 4 екипи на врвот имаат шанси за титула.

Атлетико Мадрид е прв со 77 бода а го чекаат уште дуели со Реал Сосиедад (дома), со Осасуна (дома) и Ваљадолид (на гости).

Реал Мадрид и Барселона имаат по 75 бода. „Кралевите“ ги чекаат незгодни гостувања кај Гранада и Атлетик Билбао, а во последното коло на 23 мај го пречекуваат и Виљареал кој игра финале на Лига Европа со Манчестер Јунајтед.

Барселона ја чекаат Барди и Леванте на 11 мај на гости, после Селта Виго на „Камп Ноу“ на 16 мај и во последното коло гостување кај Еибар. Севиља е четврта со 71 бод. Андалузијците ги чека незгоден распоред со Валенсија дома па со Виљареал на гости и со Алавес дома.