ФИФА одлучи: Полска директно во финале, Швеѓаните и Чесите се бунат

Светската фудбалска унија ФИФА ги објави своите одлуки во однос на баражите за Светско првенство. По суспензијата на репрезентацијата на Русија која требаше да игра против Полска во полуфинале, а во другото полуфинале се Шведска и Чешка, сега Полјаците добија слободен влез во финале.

ФИФА и дефинитивно ја суспендираше фудбалската репрезентација на Русија па Полска автоматски влегува во финале на плејофот и на само една победа од пласман на големото Светско првенство 2022 во Катар.

За Мундијалска виза Полјаците ќе играат против подобриот од мечот Шведска - Чешка.

ФИФА соопшти дека одлуката ја донела по консултација со УЕФА.

РУСИТЕ ПРОБУВААТ ПРЕКУ CAS НО ШАНСИТЕ СЕ МИНОРНИ

Рускиот фудбалски сојуз по суспензијата од ФИФА реши да се жали на Арбитражниот суд за спорт во Лозана (CAS). Русите барале нивната селекција да остане во полуфиналето против Полска и да се борат праведно за пласман на Мундијал.

На 8 март судот во Лозана соопшти дека ја добил жалбата од Рускиот сојуз и одговорил дека ќе иницира паралелно две истраги. До кога ќе трае нивната истрага и кога ќе бидат спремни да соопштат евентуален друг исход, уште не се знае.

БАРАЖОТ ШКОТСКА - УКРАИНА Е ПРЕМЕСТЕН ЗА ЈУНИ

ФИФА покрај суспензијата за Русија и автоматскиот пласман на Полска во финале на баражот, соопшти и дека мечот Шкотска - Украина е преместен за јуни, без точно прецизиран датум.

Благодарение на тоа што Светското првенство за првпат во историјата ќе се игра есен-зима а не лето, тоа значи дека ФИФА може комотно да го одложува овој натпревар во следните месеци со надеж дека воениот конфликт ќе заврши што поскоро.

Од ФИФА соопштија и дека украинската страна уште на 3 март им побарала одложување на плејоф мечот со Шкотите затоа што не можат да се подготвуваат сега кога нивната земја е во услови на војна.

Генералниот секретар на Шведската фудбалска асоцијација Хакан Сјостранд рекол:

„Ние мислиме дека по спортски принцип е разумно и праведно во полуфинале на Полска да и се најдеше нов противник. Разбираме дека тоа за ФИФА е тешка задача но условите треба да бидат рамноправни за сите“, вели Сјостранд од Шведскиот фудбалски сојуз.

Селекторот на Швеѓаните Јане Андерсон исто ја осудил одлуката: „ФИФА на крајот конечно донесе исправна одлука во однос на Русија, но од спортска гледна точка тоа е апсолутно неприфатливо (за тоа Полска да оди директно во финале а Шведска да игра полуфинале на бараж).

Шефот на Фудбалската федерација на Чешка Петр Фусек бил поблаг кон решението на ФИФА: „Ова е очекувана одлука која беше најреална од сите варијанти. Тоа што Полска сега ќе оди во финале го сфаќаме како факт. Ако сакаме да играме на Светско првенство, просто треба да победиме два противници така што ситуацијата за нас не е изменета“.

Полјаците се радосни што нема да мора да играат тежок полуфинален меч и тоа на гости и дека одат директно во финале.

„Фифа ја исклучи Русија од плејофот за Светско првенство. Одлична одлука! Рускиот фудбал мора да се соочи со последици. Ние докажавме дека фудбалската солидарност има смисла“, ликувал првиот човек на фудбалскиот сојуз на Полска Цезариј Кулеша.

Австрија и Велс е другата двојка од овој плејоф пар и тие ќе играат на 24 март како што е планирано. Победникот ќе го чека подобриот од евентуалниот натпревар Шкотска - Украина а оној кој ќе триумфира во евентуално финале ќе оди на Светско првенство.

Ждрепката за групи на Мундијал 2022 е предвидена за 1 април. Последниот учесник од Европа на оваа ждрепка ќе биде неизвесен.

9 март 2022 - 13:19