Извршниот комитет на Светската куќа на фудбалот донесе забрана, отсега врз играчите да нема трети сопственици или инвеститори кои на тој начин профитираат од трансферите.
Тројцата играчи кои летово стигнаа до Премиер лигата и кои дел од нивните права ги има трета сопственичка страна се Мангала кој за 32 милиони фунти од Порто премина во Манчестер Сити.
Потоа Маркос Ројо кој од Спортинг го засили Манчестер Јунајтед за 16 милиони фунти, и Србинот Лазар Марковиќ кој направи трансфер од Бенфика во Луверпул за сума од 20 милиони фунти.
Тројната сопственост врз играчите се состои од клуб, агент и инвеститор, а најпопуларна е во Јужна Америка, Шпанија и Португалија, додека во Англија не е дозволена.
Третите сопственици се стекнуваат со свои права врз играчите откако ќе инвестираат врз нив, а во случај на трансфер земаат дел од колачот.
Во Јужна Америка тоа често пати се и разни криминални структури кои поседуваат дел од правата на фудбалерите, а потоа заработката од трансферите ја вложуваат во матни бизниси.
Таков беше случајот со големиот талент од Аргентина, Анхел Кореа кој минатата година не можеше да направи трансфер бидејќи судот му ја одзема регистрацијата. Одлуката падна по еден прислушкуван телефонски разговор во кој зборувале неговиот агент и член на нарко бандата "Los Monos" која печалела од неговите успеси.
Во случајот на 19 годишниот напаѓач кој дури ова лето успеа да премине во Атлетико Мадрид, фудбалскиот клуб Сан Лоренцо плати 60% од трансфер сумата, 30% и припаѓаат на уругвајска компанија, а останатите 10% беа финансирани од непознатиот сомнителен инвеститор.