По завршувањето на квалификацискиот циклус за СП 2014 на кој фудбалската репрезентација на Македонија го допре дното на табелата во групата и го оствари најлошиот успех во историјата ФФМ даде отчет, но ги коментираше и изјавите на одредени репрезентативци кои го дигнаа гласот околу случувањата во репрезентативниот фудбал.
„Тврдам дека организацијата во овој квалификациски циклус помина одлично. Нашите репрезентативци беа сместени во добри хотели и не чекаа долго време на аеродромите кога се патуваше на гостувања. Сето тоа ќе работиме да биде на уште повисоко ниво. Ги отфрлуваме сите обвинувања дека во репрезентацијата постојат некакви кланови и дека се фаворизираат играчи. Играат најдобрите и ние не се откажувмае од нив", изјави директорот на националниот тим Петар Милошевски.
Повлекувањето на Пандев од репрезентацијата кое го обелодени преку медиумите не го смета за соодветен начин, но зачуди изјавата на Милошевски на прес конференцијата кој рече дека се обидел да го контактира капитенот Пандев преку смс порака, а потоа и телефонски.
„Не се сложувам со констатацијата на Пандев дека македонската репрезентација е менаџерска. Изненаден сум од неговата изјава и се обидов да го исконтактирам преку смс порака и телефонски, но тој не одговори. Пандев е лидер и пример за сите млади играчи во последните десетина години, со него не сме имале никаков проблем до сега, вратите му се отворите и ќе сториме сè за да го вратиме во репрезентацијата", рече Милошевски.
Дебаклот на Македонија против Србија од 5:1 кулминираше со бесот на Агим Ибраими кој на полувремето побарал да биде заменет, а потоа јавно кажа дека тоа го сторил затоа што во репрезентацијата немало хармонија и дека некои се обидуваат да командуваат на теренот.
Некои медиуми објавија дека за време на паузата на мечот во Јагодина репрезентативците меѓусебно се навредувале и дека за малку била избегната и тепачка, но Милошевски рече дека дел од случувања во соблекувалната биле тенденциозно пренесени во јавноста.
Изборот за селектор на Чедомир Јаневски кој предревреме ја напушти селекторската функција не го оцени како погрешен, а тема на разговор беше и Горан Попов за кој и покрај тоа што бил отстранен поради неморално однесување, Милошевски изјави дека вратата му е се уште отворена.
ФФМ на два пати го повикал Попов на разговор пред дуелите со Велс и Бугарија, но тој не бил достапен. За слабите резултати во овој завршен квалификациски циклус федерација целосно ја превзема одговорноста.
„Освен со селекцијата на Србија против која одигравме лошо, имавме доста квалитетни натпревари кои несреќно ги загубивме. Потфрливме во моментите кога треба да се игра на резултат и затоа треба многу да работиме на создавање победнички менталитет и да одговориме на големите очекувата на јавноста", изјави поранешниот голман на македонската репрезентација.
ФФМ се пофали и со завршените проекти на новото раководство како изградбата на „Куќата на фудбалот", десетте фудбалски терени, професионалните договори на селекторите и други активности кои до сега биле изработени.