Информацијата ја потврди на својот веб сајт Фудбалската федерација на Македонија, која денеска објави дека и двете страни се согласиле соработката да прекине.
Српскиот стратег и поранешен играч на Порто со кој пет пати стана шампион на Португалија, имаше 6 месечен договор со ФФМ, а во договорот стоело дека целта е Македонија под негово водство да не заврши подолу од четвртото место во квалификациите за ЕП 2016.
Друловиќ стана селектор на Македонија во април годинава и не оствари ниту една победа. Имаше четири порази во низа од Словачка, Луксембург, Шпанија и Украина и реми со Белорусија.
„Сакам да им се заблагодарам на Фудбалската федерација на Македонија и на Управниот одбор за соработката и поддршката која сето ова време ми ја даваа мене и на стручниот штаб со цел да бидеме успешни. Исто така, сакам да им се заблагодарам на играчите и искрено на секој од нив му посакувам успех во репрезентацијата и во нивните клубови. Квалификациите за Европското првенство не ги завршивме со пласман до четвртото место, а бидејќи тоа беше еден од условите од мојот договор со ФФМ, нема да ја продолжиме соработката. Како професионалец, за мене резултатот секогаш е мерило за успехот, жал ми е што не остваривме подобри резултати во квалификациите за ЕП 2016. Македонската репрезентација има млади играчи и сигурен сум дека во иднина ќе бидат многу поуспешни. Им се заблагодарувам и на луѓето од стручниот штаб кои го вложија своето знаење и труд за да бидеме успешни. Сигурен сум дека сите на свој начин посакуваа успех и добри резултати. Продолжуваме на различни страни, но и понатаму ќе бидам голем поддржувач на репрезентацијата на Македонија, изјави Љубинко Друловиќ.
Српските медиуми вчера пишуваа дека тој веќе се договорил да го преземе кормилото на Партизан.