Ел Шарави е познат по прекарот Il Faraone (Фараонот), поради неговото египетско потекло. Татко му е Египѓанец кој во 1982. година се преселил во Италија, а мајка му која како Христијанка го примила Исламот потекнува од Швајцарија.
Првите фудбалски чекори ги направи во Џенова, а дебито во Серија А го имаше на 21 декември 2008. година. Влезе во игра во 83' минута од мечот Киево - Џенова и стана еден од најмладите фудбалери во историјата на Серија А. Имаше само 16 години, 1 месец и 24 денови.
Во 2010. година, клубот од Лигурија го позајми во Падова. Следуваше трансфер во големиот Милан, кој за него одвои 7 милиони евра плус младиот Александар Меркел. За Росонерите, Ел Шарави дебитираше на 18. септември 2011 година на Сан Паоло против Наполи кога го замени Аквилани. Во меѓувреме на Сан Сиро дојде Балотели и екипата мораше да работи за него, а Фараонот поради честите повреди остана во втор план. За Милан на 83 натпревари постигна 21 гол. Ексцентричниот напаѓач е стандарден италијански репрезентативец.
Стефан Ел Шарави (21) е еден од седумте репрезентативци на Милан кои подоцна ги почнаа подготовките, поради одморот кој го добија од тренерот Синиша Михајловиќ. Сепак Ел Шарави само кратко престојувал во Милано, од каде тргнал за Монако, екипа во која ќе ја продолжи кариерата. Во Кнежевството доаѓа како замена за Јаник Фереира-Караско кој за 15 милиони евра заминува во Атлетико Мадрид.
Во меѓувреме, Кориере дело спорт пишува дека Милан ќе ги искористи парите за да го врати Златан Ибрахимовиќ чија вредност ПСЖ ја проценува на 5,5 милиони евра. Тренерот Михајловиќ сака да ја засили одбраната и со стоперот Ромањоли кој е играч на Рома.