Точната трансфер сума се уште не е позната и се шпекулираат бројки од 45 до 60 милиони евра, а за неговата плата се споменува сумата од 14 милиони евра годишно, но деталите не се толку важни. Радамел Фалкао е нов фудбалер на Монако.
Медиумите исто така шпекулираа дека тој ги одбил Челси, Манчестер Сити, Реал Мадрид... само заради милионите на Риболовљев од Монако, но не е толку едноставно.
Кога Колумбиецот во 2009-та година требаше да прави трансфер во Европа од аргентинскиот клуб Ривер Плејт, трета страни откупи 55% од неговиот договор. Тоа е компанијата Дојен Спортс, поврзана со Жорге Мендес - суперагентот чии клиенти се Сколари, Мурињо, Кристијано Роналдо, Пепе, Валдес, Коентрао... и секако Фалкао.
На тој начин Фалкао стана уште еден фудбалер чија кариера е управувана од стана на "Third-party ownership" (TPO) - сопствеништво од трета страна, што значи дека ниту клубот, па дури ни самиот играч нема контрола на неговата кариера. Третата страна во овој случај се јавува како инвеститор и го плаќа поголемиот дел од отштетата за фудбалерот и може да ги покрива и трошоците за плата во клубот.
На ваков начин странски, но и домашни фудбалери играа и во некои клубови од македонското првенство, а претежно нивните трошоци ги покриваа менаџери и агенции претежно од Србија.
Во Јужна Америка и Португалија ова се одвива отворено и јавно, во Шпанија и Турција се дозволува, но не се говори многу за тоа, а во Англија вакви односи се забранети по контроверзните трансфери на Тевез и Маскерано во Вест Хем.
Компанијата на менаџерот Мендес го исплати поголемиот дел од трансферот на Фалкао во Порто, како и неговата плата, а потоа го продаде и во Атлетико Мадрид. Тоа беше чуден потег затоа што во тој момент за него беа заинтересирани и други поголеми клубови, а Атлетико Мадрид имаше големи долгови. Но овој трансфер беше направен само за да му се крене цената на Фалкао.
Атлетико плати помалку од половината од трансфер сумата која изнесуваше неверојатни 47 милиони евра, а остатокот, како и платата на Фалкао ја презеде компанијата Дојен Спортс.
Во текот на првите месеци од неговиот престој во Шпанија, се појавија шпекулации дека заради долговите на клубот, Атлетико Мадрид доцни со платата на Фалкао, по што „третата страна" презеде уште поголем дел платата, но и од правата на фудбалерот.
По две сезони, Фалкао се разви во еден од најдобрите напаѓачи на светот и неговата цена достигна до 60 милиони евра, па дојде време неговите сопственици да си ја исплатат инвестицијата.
Во овој момент не постојат многу клубови кои можат да ја исплатат оваа сума, а во последно време и ФИФА го заостри надзорот и борбата против сопствеништвото од трета страна, па Англичаните повеќе не сакаа да ризикуваат.
На тој начин ниту Атлетико Мадрид, ниту Радамел Фалкао немаа право на избор и Колумбиецот како дел од акција на „тргување со луѓе" заврши во Монако.