Македонска дива лига во 8 секунди

Гледачи качени на брдо со расфрлани флаши и лименки. Еден пцуе ко кочијаш. Голманот се витка и офка од болки на земја. Ова е снимка од 8 секунди од мечот меѓу Беса и Аеродром во третата македонска лига, одигран во село Слупчане. Кој знае уште што не гледаме. Епилог: Домаќините загубиле 2:1, гостинскиот голман завршил во болница.

Соопштение на ФК Аеродром:

„Во врска со немилиот настан кој се случи на (26.10.2025) на натпреварот од Третата лига – Север, помеѓу ФК Беса (Слупчане) и ФК Аеродром, сакаме јавно да ја информираме спортската јавност за следното:

По последниот судиски свиреж, нашите фудбалери беа физички нападнати од страна на дел од фудбалерите на противничкиот тим. Во инцидентот беа нападнати тројца наши играчи – голманот и уште двајца фудбалери, кои претрпеа телесни повреди и сите беа веднаш пренесени во болница во Скопје, каде што им беше укажана лекарска помош. По укажаната медицинска интервенција, двајца фудбалери се пуштени на домашно лекување, а голманот сè уште е хоспитализиран.

Натпреварот заврши со победа на нашиот тим (2:1), а непосредно по досудениот крај, следуваше неиспровоциран и брутален напад врз членовите на ФК Аеродром. ФК Аеродром најостро го осудува овој чин на насилство и апелира до Фудбалската федерација на Македонија, надлежните дисциплински органи и Министерството за внатрешни работи да преземат сите потребни мерки за целосно расчистување на случајот и соодветно санкционирање на сторителите.

Фудбалот мора да остане симбол на спортски дух, фер-плеј и почит, а не поле на агресија и опасност за здравјето на спортистите. Им се заблагодаруваме на сите клубови, спортски работници, навивачи и медиуми кои испратија пораки на поддршка и солидарност со нашите повредени играчи. ФК Аеродром ќе продолжи да се бори чесно на теренот и да го промовира спортот како место на фер натпреварување, со меѓусебна почит и спортски дух“, стои во соопштението.

28 октомври 2025 - 09:10