Европскиот шампион ќари 23 милиони, африканскиот во зијан

Само од УЕФА како награда за освојување на Европското првенство, репрезентацијата на Шпанија доби награда од 23 милиони евра. Колку за споредба, азискиот шампион не добива награда, а африканскиот шампион за својата титула испадна во зијан.

Оваа година челниците на УЕФА беа дарежливи и решија да го зголемат фондот од 184 на 195 милиони евра.

Само за учеството на Европското првенство секоја од репрезентациите која се квалификуваше доби по 8 милиони евра. Тоа од старт е повеќе од што заработил било кој шампион на останатите континенти.

За споредба, шампионот на Јужна Америка, репрезентацијата на Уругвај за освојување на титулата минатата година доби 7 милиони долари (5,6 милиони евра).

Замбија, шампионот на Африка за својата титула доби награда од 1,5 милиони долари, но кутрите африканци на крајот испаднаа во зијан затоа што за награди на фудбалерите, трошоци за транспорт и подготовки за првенството потрошиле 2,4 милиони долари.

Репрезентацијата на Јапонија која е актуелен шампион на Азија не заработи ништо. Азиската федерација традиционално не дава парични награди, но вети дека од 2015-та година ќе им подели 10 милиони долари на учесниците.

За разлика од колегите од другите континенти, европејците добро се офајдија. Освен онаа сума од 8 милиони само за учество, секоја репрезентација доби по 1 милион за секоја победа, 500.000 за нерешено, 2 милиони за квалификување во нокаут фазата, 3 милиони за пласман во полуфинале, 4,5 за пласман во финале и 7,5 за титулата.

Репрезентациите на Ирска и Холандија кои не освоија ниту еден поен, си заминаа со по 8 милиони, а оние поуспешните, полуфиналистите Португалија со 15 и Германија со 16, финалистот Италија со 19,5 и шампионот Шпанија со 23 милиони евра.

5 јули 2012 - 22:31