На 8 декември 1985-та година, по традиција во Токио, играа освојувачот на Купот на европски шампиони (КЕШ) против првакот од Копа Либертадорес, Јувентус - Аргентинос Хуниорс.
Ова беше второ појавување на Јуве во дуелот за светска круна, откако претходно во 1973-та го заменил Ајакс кој се повлекол, но „бјанконерите“ изгубиле тогаш од Индепендиенте.
Во '85-та во Токио Јувентус допатува по страшната трагедија на Хејсел во Брисел каде загинаа 39 навивачи на Јуве по судир со англиските хулигани од Ливерпул. Италијанскиот тим тогаш стана европски шампион и како таков стигна во Јапонија.
За противник го имаа Аргентинос Хуниорс, шампионот на Либертадорес, предводен од младиот Клаудио Борги. Мечот заврши 2-2 а Јувентус славеше на пенали и стана светски клупски шампион.
Интересно, при резултат 1-1, Мишел Платини прими една топка пред шеснаесетникот, маестрално со десна го насамари бекот Павони и без да падне топката на земја, со лева постигна сјаен гол. Се израдуваа играчите на Јувентус без да приметат дека германскиот судија Фолкер Рот го поништи голот поради наводен пасивен офсајд на Алдо Серена (во современиот фудбал веќе не се суди пасивен офсајд).
Платини во знак на протест не се бунеше ниту расправаше со судиите, туку само легна и се потпре на раката како статуата Венера Победоносна од скулпторот Антонио Канова. Овој протест важи за еден од најелегантните во светот на фудбалот.