Продажбата на Мангала во Манчестер Сити за 40 милиони евра е само еден во низата астрономски трансфери кои сино – белите ги направија во последните преодни рокови.
Од Абрамович, Морати и шеикот Мансур па сè до магнатот Рибољовлев, Калдерон и Флорентино Перез, Порто со сите си подаваше рака за продажба на своите најдобри играчи.
Веќе 10 години клубот од „Драгао“ купува играчи за мали пари, а потоа од нивната продажба ја полни касата.
Во последните неколку сезони, Порто само два пати го завршил летото во минус. Во сезоната 2003, откако потрошиле 10 и пол милиони евра, а заработиле 10, Португалците биле во минус 500 илјади евра.
Нешто слично се случило и во 2010. година, кога Порто вложил 38, а потрошил 40 милиони евра. Во сите останати сезони, клубот од истоимениот град млател пари и за една деценија остварил профит од 323 милиони евра.
+ 50 милиони , 2004. година
+ 30 милиони, 2005.
+ 3 милиони, 2006.
+ 53 милиони, 2007.
+ 8 милиони, 2008.
+ 41 милион, 2009.
+ 9 милиони, 2011.
+ 77 милиони, 2012.
+ 54 милиони, 2013.
+ 45 милиони, 2014.
Маестралноста на Порто, освен во висината на трансферите е и во процентот од наредната продажба, клаузула од која зедоа вреќи со пари.
Меѓу најскапо продадените играчи кои заминале од Порто се Фалкао од кого Порто е 42 милиони евра во плус. Потоа Хамес Родригез кој најпрвин замина во Монако за 45 милиони евра, а летово се пресели во Мадрид за 80 милиони евра. Португалците ќарија голем дел од колачот.
Пакети и пакетчиња
Во Порто никој не пазарел како Зенит. Клубот од Санкт Петерсбург, чијшто спонзор е нафтната компанија Гаспром, од „Драгао“ најпрвин го зеде Бруно Алвеш за 22 милиони евра, а бомбата следуваше во 2012. година, кога Хулк во руската Венеција замина за перверзни 55 милиони евра!
Како во некој супер – маркет, Порто понекогаш нуди и пакет „купи 2 – земи 3“, па така Мурињо уште кога првиот пат беше во Челси најпрвин ги зеде Рикардо Карваљо и Пауло Фереира за кои Абрамович одвои 50 милиони евра!
Во меѓувреме, Порто на Мурињо му го понуди и Жосе Босингва, а десниот бек брзо замина на „Стемфорд Бриџ“ за 20 милиони. Таа 2008. година, Челси му искешира фантастични 70 милиони европски банкноти на Порто.
Мурињо го „усреќи“ и Интер. Специјалниот запна да му се доведе Кварезма, а Морати му ја оствари желбата и луцидниот техничар во Милано пристигна експресно, исто онака како што Интер му исплати 25 милиони евра.
По ерата на Мурињо во Интер пристигнаа уште двајца играчи, овој пат во пакет на „Меаца“ се потпишаа Гуарин и Алваро Переира (двајцата за 25 милиони евра).
Најголеми муштерии во „Драгао“:
- Зенит (77 милиони евра);
- Челси и Монако (70 милиони евра);
- Манчестер Сити (55 милиони евра);
- Атлетико Мадрид (52 милиони евра);
- Интер (50 милиони евра);
- Олимпик Лион (40 милиони евра)
Успешноста на Порто се состои во тоа што „змејовите“ едноставно знаат да истрпат играч кого евтино го купиле. За тоа понекогаш се потребни години, како во случајот со Пепе, кој во Порто дошол за 2 милиони а после 3 години заминува во Реал Мадрид за 30 милиони евра.
Уште полудо звучи приказната за Али Сисоко. Французинот со сенегалско потекло во јануари 2009. година, во Порто дојде од Виторија Сетубал за смешни 300 илјади евра, по само шест месеци, Милан се залета и за левиот бек плати 15 милиони евра.
Црномурестиот Сисоко потоа замина во Лион за 16 милиони евра, а сега игра во Астон Вила. Според клаузулата во неговиот договор, Порто земаше процент од секоја наредна продажба. Ако не ви е мака, направите есап колку профитирал од него.